Одговорна власт и контрола над власта
Пакетот реформи неопходни за членство во ЕУ и НАТО може да се реализира само во услови на одговорна власт која работи транспарентно и отчетно, без злоупотреба на државните ресурси за лични или партиски потреби. За таа цел во првите шест месеци, Владата на Република Македонија ќе донесе Стратегија за добро управување којашто ќе гарантира зголемена транспарентност на сите државни институции, задолжителни консултации со граѓаните, бизнис-заедницата и граѓанските организации и засилена контролна улога на Собранието.
Особено внимание ќе посветиме на целосна транспарентност во трошењето на парите на граѓаните. Посветено ќе работиме Македонија да премине во повисоката група на земји на индекс-листата за Отворен буџет и да ја зголеми оценката од 35 на 65, со што ќе се вброи во листата земји со значајна транспарентност на буџетот.
Заради зголемување на транспарентноста Владата на Република Македонија целосно ќе го имплементира концептот на отворена влада, согласно Партнерството за отворена влада (Open Government Partnership). Во таа насока Владата:
∎ ќе предложи законски измени за преполовување на законскиот рок за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер од 30 на 5 дена;
∎ ќе воведе принцип на т.н. „активна транспарентност“ на институциите, што подразбира објавување (без да им бидат побарани) на нивните програми (и предлог-програми), стратегии, мислења и студии, податоците за организацијата и трошоците на работењето, како и одлуките, актите и мерките со кои се влијае врз животот и работата на граѓаните и фирмите;
∎ ќе обезбеди процес на загарантирани консултации со граѓанскиот сектор, со коморите, со синдикатите и со други релевантни чинители во сферите на работа на власта, при носење нови закони и измени на постојните.
∎ секоја година за 10% ќе го зголемува бројот на институции коишто ги следат препораките на Пристап за отворени податоци (Open Data Approach).
∎ ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. Податоците ќе им овозможат на државните институции, академскиот свет и граѓанскиот сектор вистинска анализа и креирање на реални политики во секоја сфера.
∎ ќе предложи во Собранието формирање „Фискален совет“, како независен орган, во којшто ќе членуваат истакнати експерти по финансии или економија, со мисија да го оцени кредибилитетот на фискалната политика и да обезбеди нејзина транспарентност и предвидливост.
∎ секоја година ќе ја обновува тригодишната фискална стратегија (според принципот на rollover) и таа ќе се објавува на почеток на годината, откако ќе бидат утврдени приоритетите на Влада за наредната фискална година. Оваа стратегија ќе се дискутира и ќе се гласа во Собранието на РМ, со цел да охрабри дебата за фискалните и буџетските агрегати, за таа да претставува основа за очекувања од страна на економските агенти.
∎ јавниот долг ќе го објавува целосно и редовно, без исклучоци и политички калкулации. Во Собранието ќе предложиме измена на Кривичниот законик со цел криењето на јавниот долг да претставува кривично дело.
∎ ќе обезбеди објавување податоци и за гарантираниот, но и за негарантираниот долг на јавните претпријатија и општините.
∎ ќе предложи воведување обврска за буџетските корисници, фондовите и јавните претпријатија да доставуваат до Министерството за финансии детални месечни извештаи за исплатата на доделените пари од Буџетот, заедно со обврските што ги презеле, а не ги платиле. Овие податоци, со помош на платформа за пребарување, ќе се објавуваат на веб-страницата на Министерството за финансии. Со тоа, граѓаните стануваат вистински контролори на можните злоупотреби, бидејќи секој граѓанин од својот домашен компјутер може во детали да види каде се трошат парите од неговите даноци и придонеси.
∎ ќе предложи законски измени со цел воведување обврска завршните сметки на сите буџетски корисници и јавни претпријатија да бидат објавени на интернет.
∎ ќе предложи законски измени за сите оф-шор компании што инвестираат во Македонија да бидат обврзани да ги соопштат вистинските сопственици и да го достават целокупниот историјат на овие фирми.
∎ Објавување на детални месечни листи за сите вработени во јавната администрација и корисниците на земјоделски субвенции, со цел граѓаните да бидат контролори доколку се прават злоупотреби.