Енергетика

Владата цели да ја поврати изгубената енергетска сигурност и стабилност на Македонија, да ги намали трошоците за енергија и енергетската сиромаштија, а сонцето да стане извор на енергија во домаќинствата.

Владата ќе обезбеди енергетска достапност до сите граѓани и претпријатија. Ќе се стимулираат иновативни решенија и напредни технологии за производство на енергија, за намалување на учеството на фосилните горива, а зголемување на производството од обновливите изори на енергија. Намалувањето на увозот на енергија ќе претставува резултат на комбинирањето на енергетската ефикасност и заштедата на енергија, рационално производство на сопствена енергија и осмислен настап на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија, природен гас и нафтени деривати. 

Владата ќе подржи рационално производство на Електрична енергија со пренамена на ТЕЦ Неготино во енергетско-земјоделски комбинат, изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, оптимално искористување на Пелагонскиот басен за јаглен, имплементација на најсовремени еколошки стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ
Осломеј. 

Проектот на Владата за ТЕЦ Неготино ќе обезбеди евтин енергенс за енергетско-земјоделските комбинати со што ќе придонесе за конкурентноста и извозот на раноградинарски култури и отворање на работни места во земјоделието.

Со изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, Владата ќе обезбеди зголемено домашното производство и намален увозот на скапа енергија. Со започнување на експлоатацијата на подинската јагленова серија во рудникот Суводол и со јамска експлоатација на јаглен во рудниците Живојно и Витолиште, Владата ќе го продолжи работниот век на столбот на македонската енергетика, РЕК Битола. Со имплементација на современи еко-стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј (инсталирање систем за редукција на емисии станици за десулфуризација) ќе се намали емисијата на штетни честички во околината во пелагонискиот и кичевскиот регион.

Владата ќе се фокусира на задоволување на електроенергетските потреби на земјата со сопствено производство како и подобрување на условите за работа и заштитата во енергетските компании.

Со отворање на новиот јагленокоп Поповјани и модернизација на ТЕЦ Осломеј, Владата ќе го продолжи производниот век на електраната и ќе обезбеди нови работни места во кичевскиот регион. Владата ќе ја преиспита исплатливоста за израдба на хидроенергетски капацитети по течението на реката Вардар, со цел брзо реализирање на исплатливи проекти.

Користејќи ја постоечката траса на 220 kV врска Скопје–Косово, но и најавите за изградба на нови производни капацитети во регионот, Владата ќе се насочи кон побрза изградба на нова 400 kV врска кон Косово. Владата ќе ја забрза изградбата на нова 400 kV врска Битола–Елбасан за да обезбеди пристап кон преносната мрежа на Албанија и за да ја засили преносната мрежа во битолско-охридскиот регион.

Владата ќе обезбеди користење на природниот гас како евтин и еколошки енергенс за секого во Република Македонија со изградба на магистрални гасоводи со иновативни нови технологии (CNG и LND) до урбаните средини и дистрибутивни мрежи.

Владата ќе го активира приклучувањето кон ТАП (ТАР-Trans Adriatic Pipeline) за гасификација на југозападна Македонија и приклучувањето кон преносните системи со Република Бугарија и Република Грција. Владата ќе ги поедностави постапките и процедурите за реализиција на проекти поврзани со обновливи енергетски извори, ќе задолжи институција за воведување „едношалтерски систем“ за добивање на сите потребни податоци, информации и документи и спроведување на целосната постапка до реализација.

Владата ќе предложи и законски промени за поедноставување на процедурата за уредување на градежно земјиште и добивање одобрение за градба на такви капацитети.

Владата финансиски ќе субвенционира изградба на фотоволтаични електрани во домаќинствата и ќе поттикне развој во домашната економија со отворање фабрики за производство на фотонапонски панели и модули. Нова 10МW фотонапонска електрана ќе се изгради со панели од македонско производство. Производство на електрична енергија до максимална инсталирана моќност од 150 MW со потенцијалот на ветрот, ќе се поттикне низ транспарентен процес на дозволи и одлуки.

Владата ќе инвестира во пошумување на планините и земјоделските земјишта од пониска класа со енергетско квалитетни брзорастечки дрвја за производство на пелети и биомаса. Владата ќе стимулира домашни и/или странски инвеститори за отворање на фабрики за производство на дрвен пелет и чипс.

Владата ќе применува политика со која цената на топлинската енергија од големите когенеративни централи ќе се продава по цена што ќе биде најмалку 10% пониска од цената на едногенеративните (котелски) регулирани постројки.

Со финансиски стимулации, Владата ќе поттикне употреба на когенеративни постројки во домаќинствата, но и во јавните здравствени установи. За инвестирање во когенеративни инсталации во земјоделството, Владата ќе доделува земјоделско земјиште од пониска класа, т.н. „енергетско–земјоделски“ зони. 

Владата ќе формира посебен фонд за финансирање на енергетски ефикасни проекти со средства обезбедени од енергетските компании и фондови и грантови од ЕУ. Ќе се обезбеди бесплатна едукација на комерцијалните и индустриските потрошувачи за рационализирана потрошувачката на енергија.

За намалување на енергетската сиромаштија, Владата ќе воведе приоритени мерки за поголема енергетска ефикасност, енергетски ваучери за граѓаните опфатени со Законот за енергетска сиромаштија и „евтина струја„ цел викенд и 2 часа секој работен ден.

При процесот на создавање услови за либерализирање на енергетските пазари, Владата ќе внимава на избегнување на можни ценовни шокови, а особено на сигурноста во снабдувањето со енергија.

Со измени во законската и подзаконската регулатива, Владата ќе овозможи легализација на сите бесправно изградени објекти кои се наоѓаат во или блиску до коридорите на високонапонските далекуводи.