Премиерот Заев на Републичката пензионерска ревија: Со оваа манифестација ги афирмираме заложбите дека низ заедничка дружба и соработка градиме солидарно општество

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на Деветтата републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри 2019 во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, а под покровителство на Владата на Република Северна Македонија. Премиерот Заев со свое воведно обраќање ја отвори манифестацијата. 

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.

 

 

„На самиот почеток дозволете ми да го изразам моето задоволство што ја имам честа да ја отворам оваа значајна манифестација - Деветтата републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри 2019 во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, а под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.

Вие пензионерите сте нашите најзаслужни граѓани кои активно учествувате во градење на државноста - ВИЕ ги поставивте темелите на нашиот заеднички дом - нашата земја Република Северна Македонија.

Од тие причини ние, сегашните генерации сме должни да ви изразиме неизмерна почит и благодарност.

Оваа манифестација треба да ги исполни овие цели - да ги афирмираме заложбите дека низ заедничка дружба и соработка можеме да градиме едно солидарно општество во кое ќе се почитуваат вистинските вредности.

Концептот едно општество за сите е еден од главните стожери на владините политики. И во тој концепт има место и еднакви можности за сите.

Преземавме обврски да се грижиме за нашите највозрасни граѓани - пензионерите и да им овозможиме достоинствени услови за живот. 

Заедно со Министерството за труд и социјална политика ги исправивме неправдите и сега два пати годишно има усогласување на пензиите со трошоците на живот. Ова законско усогласување од една страна ги усогласува пензиите со трошоците на живот, од друга страна го штити фондот за ПИОМ за да можат и идните генерации пензионери да очекуваат стабилни и навремени исплати на своите пензии.

Растот на пензиите сега е поставен на реални основи и се врзува за економскиот раст. Ако економијата расте над 4% и го достигнува својот потенцијал тогаш и пензиите ќе растат. Тоа е фер. Денеска имам прилика и на прес конференција ќе кажам дека БДП за првиот квартал од оваа година е 4.1%. Тоа значи драги мои пензионери дека ќе има динамично растење на пензиите ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот веќе имаме димензионирано растење  на пензиите затоа што вкупната вработливост од лани првиот квартал 2018 до првиот квартал 2019 е 40.000 нови луѓе вработени. Фондот за ПИОМ во приходите расте за 8%, со овој добар тренд, со раст на економијата и раст на вработливоста на младите тоа ќе се одразува како пораст на вашите пензии. Продолжуваме да водиме грижа за пензионерите да и да работиме во насока на подобрување на животниот стандард на сите граѓани.  Затоа што се што денеска имаме оставено е дело на вашиот труд и вашата пот. Од вашиот работен век, за ние идните генерации да го негуваме, унапредуваме и така да го одржуваме, да создаваме уште поквалитетно општество и земја во кое ќе ги мотивираме младите луѓе, нашите деца да останат во нашата земја. 

На самиот крај дозволете ми да ви посакам пред се убава дружба на Деветтата републичка ревија на песни, музика и игри - 2019. Во добро здравје и уште долги години оваа манифестација да биде убав повод и причина заедно да се среќаваме и дружиме. Посебна чест ми претставува да бидам покровител на ваквите републички настани коишто ги организирате.“