Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче денеска ја посетија Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје.
Посочувајќи дека после неколку децении просториите на клиниката се целосно реновирани, како и дека комплетно е обновен хируршкиот инструментариум, како и дел од опремата, Премиерот Заев истакна дека во континуитет пациентите добиваат врвни медицински услуги, во линија на најновите светски стандарди во современата пластична и реконструктивна хирургија.
„Покрај тоа, денеска тимот на пластични хирурзи на клиниката, под водство на професор доктор Оскар Азман од медицинскиот универзитет „Allgemeine Krankenhaus“ (Алгемајне Кранкенхаус), од Виена, Австрија, којшто истовремено е и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје, за прв пат извршија сложен оперативен зафат“, рече меѓу другото Премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека Владата на Република Северна Македонија, заедно со министерството за здравство ги реализира клучните заложби, односно за сите граѓани стануваат достапни најсовремените здравствени услуги.
„Заедно со министерството за здравство посветено креираме модели коишто ќе обезбедат одржлив јавен здравствен систем. Зачувувањето и заштитата на здравјето на нашите граѓани, за нас како општество коешто се стреми кон одржлив развој, се врвен приоритет“, заклучи Премиерот Заев.
Помеѓу останатите придобивки, како што рече министерот за здравство, д-р Венко Филипче, со реновирањето на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, се исполнети сите услови за спречување на интрахоспитални инфекции согласно стандардите на Светската здравствена организација. Дополнително, додаде министерот Филипче, „воведени се нови процедури кои се во чекор со современата медицина, а се подржани од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување“
„Секој граѓанин има право на достоинствен и современ здравствен третман. Нашите секојдневни заложби и активности се насочени кон создавање на услови за исполнување на ваквата цел. Во тој процес важна е посветеноста на сите чинители во здравствениот систем. Денес сум многу горд бидејќи заедно со моите колеги - хирурзи и останатиот персонал од Универзитетската клиника за пластична хирургија покажавме дека секоја идеја може да стане реалност, ако сме доволно решителни, посветени и упорни да ја постигнеме. Така и ќе продолжиме во иднина“, истакна министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
Истовремено, денеска на клиниката еминентниот пластичен и реконструктивен хирург, проф. д-р Оскар Азман од „Allgemeine Krankenhaus (АКН)“ медицинскиот универзитет од Виена, Австрија изведе комплексна операција на слободен трансфер на ткива од долен на горен екстремитет. Со оваа операција, во втора фаза, треба да се овозможи поставување на бионичка рака кај пациент кој бил повреден во сообраќајна несреќа, а којшто досега бил повеќепати опериран во неколку клиники во Европа.
Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д- р Софија Пејкова, во својата изјава за медиумите истакна дека установата е темелно реновирана. Дополнително, како што рече д-р Пејкова, во насока на следење на современите хируршки стандарди и методи, обновен е комплетниот хируршки инструментариум, апаратурата за електро хирургија, неуростимулација и друга специфична апаратура, со што третманот на пациентите и квалитетот на услугата е подигнат на високо ниво согласно највисоката медицинска пракса.
„Наш врвен приоритет е да обезбедиме услови што ќе овозможат воведување на нови современи процедури и создавање на критериуми што ќе ни овозможат изведба на специфични хируршки интервенции. Така нашите пациенти ќе добијат врвен третман, на ниво како во која било друга современа клиника надвор од земјава, вбројувајќи ја нашата институција во еден од водечките универзитетски клиники во регионот“, додаде д-р Софија Пејкова, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, при комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје.
Во продолжение во целост ви ја пренесуваме изјавата на Премиерот Заев:
„Денеска сме на гости во Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија поради неколку причини.
После неколку децении просториите на клиниката се целосно реновирани, а комплетно е обновен хируршкиот инструментариум, како и дел од опремата. Со тоа на пациентите им овозможуваме врвна медицинска услуга, следејќи ги најновите светски стандарди во современата пластична и реконструктивна хирургија.
Истовремено, исполнети се сите услови за спречување на интрахоспитални инфекции согласно стандардите на Светската здравствена организација.
Покрај тоа, денеска тимот на пластични хирурзи на клиниката, под водство на професор доктор Оскар Азман од медицинскиот универзитет „Allgemeine Krankenhaus од Виена, Австрија, којшто истовремено е и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје, за прв пат извршија сложен оперативен зафат.
Пред малку професорот Азман ме информираше дека работат овде, заедно со нашите институции, прават операции, пренесуваат свои искуства. Операции коишто се направени поминале добро, секако професорот ќе каже и малку подобро за тоа. Секако останува да ги унапредуваме и да ги усовршуваме нашите медицински лица, да го зголемуваме нивниот капацитет преку соработка со вака врвни експерти коишто работат со нас.
Ги реализираме, почитувани граѓани, врвните заложби на Владата на Република Северна Македонија, односно се трудиме да обезбедиме најсовремени здравствени услуги коишто се достапни за сите граѓани.
Заедно со министерството за здравство посветено креираме модели коишто ќе обезбедат одржлив јавен здравствен систем.
Зачувувањето и заштитата на здравјето на нашите граѓани, за нас како општество коешто се стреми кон одржлив развој, се врвен приоритет“.