Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на прашањето на новинарот на емисијата „Две години Влада - одговорно пред граѓаните“ дали на остварувањето на наредните проекти на владата ќе влијае неизвесноста околу добивањето согласност за отворање на поглавјата за преговори, рече дека тој останува оптимист дека земјата ќе го добие позитивниот сигнал од Европскиот Совет за почеток на преговорите летово.
„Јас и порано сум се изјаснувал по прашањето на предвремени избори. Не ги посакувам зашто изборите ја запираат економијата, реформите и процесите што се во тек, и кои со последните показатели за растот на БДП од 4,1% во првиот квартал за оваа година, и со растот на бројот на работни места и падот на невработеноста, на земјата ѝ отвораат многу сигурни перспективи за граѓаните. Ќе изгубиме најмалку шест месеци, а нашата намера е да останеме на овој пат, да продолжиме со поддршката на инвестициите, на враќањето на парите кон граѓаните со мерката поврат на ДДВ-то што треба да стартува - затоа е важно да добиеме датум. Ова ни треба сега, ова лето за да продолжат процесите. Но, до добрата вест од Брисел, сите опции се отворени“, рече премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика во својата најава за идните проекти на Министерството истакна дека нареден голем сеопфатен проект е работата на Законот за работни односи.
„Започнуваме со работа за законот за работни односи. Ќе влеземе во нов дијалог со максимална инклузивност и колективно договарање во дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите. Тоа ќе ни овозможи да го решиме единственото укажување во извештајот на Европската Комисија за да добиеме нов, квалитетен Инспекторат за труд, во интерес на сите засегнати страни“, соопшти Царовска.
Фокус на Министерството за здравство во наредниот период ќе биде примарната заштита, рече министерот за здравство Филипче, и најави сериозни промени во овој дел од здравството од најнепосреден интерес на граѓаните.
„Ќе ја зголемиме капитацијата во примарното здравство. Во овој дел имаме намера да постигнеме најквалитетни и поширок спектар на здравствени услуги за да го намалиме притисокот кон секундарното и терцијарното специјалистичко здравство. Така на граѓаните ќе им овозможиме уште во примарната фаза да добијат соодветна услуга и терапија и решение за нивните здравствени проблеми“, соопшти Филипче, и додаде дека на оваа реформа се работи со поддршка на Светска Банка.
„Го унапредуваме здравјето на секоја жена и започнуваме од еден од клучните аспекти, а тоа е унапредување на достапноста на гинеколози во државата преку воспоставување на поголема територијална покриеност и достапност на кадарот во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена. Нашата визија е во здравствените региони каде гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни, да ги обезбедиме овие услуги преку капацитетите со коишто здравствениот систем располага на секундарно ниво. Како последна алка во овој систем ќе биде обезбедување на услуги за сексуално и репродуктивно здравје во руралните средини преку активирање на мобилните гинеколошки амбуланти“, информираше Филипче.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во своите завршни зборови во емисијата „Две години Влада - одговорно пред граѓаните“, информираше за детали од Националниот бродбенд план кој треба да обезбеди покриеност со 5Г технологија на територијата на целата земја, како и за новата инвестиција за нова и брза интернет мрежа, за брз пристап и до руралните средини за да ги користат услугите и придобивките од дигитализацијата.
„Во соработка со Агенцијата за вработување ќе влеземе во реализација на проектот „Дигитални сертфикати“, со кој граѓаните кои имаат потреба од тоа ќе се стекнуваат со ИТ вештини за полесен пристап до нови работни места, додека од втората фаза од развојот на Научно-технолошкиот парк, се очекуваат првите резултати на бизнис акцелераторите кои го помагаат стартот на старт-ап и старт-оф компаниите“, рече Манчевски во емисијата „Две години Влада - одговорно пред граѓаните“.