Груевски: Грција купува време и таквата политика ќе и се врати како бумеранг
Јасна е намерата дека во овој период Грција не сака конкретен договор со Македонија, кој би не деблокирал, дека сака да купи време и да се претстави конструктивна, а дека ние сме тврдите што го оневозможуваме евентуалното решение. Тоа го правеа еден период успешно, а сега проѕирно. Тоа нема да трае вечно и ќе и се врати како бумеранг, рече премиерот Никола Груевски, оценувајќи ја политиката што Грција ја води во спорот за уставното име на Република Македонија.
Според премиерот, Грција ги користи сите механизми за нејзината политика да помине без казна, вклучувајчи ја и својата финансиска ситуација и дека поради можен банкрот нема да добие дополнителни притисоци.
Потврда дека Грција сака само да купи време, според шефот на Владата, е и односот на таа земја кон медијаторот на ОН во преговорите за името Метју Нимиц, кој се соочува со проблемот да ги посети двете земји, зашто Грција над една година не му дава согласност дека ќе биде примен од некого.
- Сега Грција начелно дала согласност, но не му дава точен датум кога да дојде и кога да биде примен. Сега и тој чека датум, а не само Република Македонија... Денеска му викаат да, дојди, но не му кажуваат кога да дојде, утре му викаат почекај, ќе ти се јавиме, или, пак, евентуално, доколку му одредат датум кога да дојде, практично ќе значи повторно некое купување време. Тој ќе отиде, но што ќе направи на тие разговори е сосема друго прашање. Можеби ќе го викнат, ќе имаат несуштински разговори, повторно купено време. Тоа е одраз на политиката на Грција за нерешевање на спорот, за купување време, за одолговлекување на целиот процес и како резултат на тоа имаме отсуство на нови идеи, на дијалог во целата оваа гужва што ја создаде Грција во блокирањето на Македонија и со недозволувањето земјата да се вклучи во НАТО и во Европската унија, рече Груевски по посетата на Машинскиот факултет во Скопје.
Премиерот додаде дека таквата политика засега на некој начин и од различни причини, како што рече - можеби неволно или не со голема радост и поддршка, е толерирана од меѓународната заедница или од нејзините главни сили.
- Веројатно имаат причини зошто го прават тоа, некои од нив можеме да ги претпоставиме, некои си ги знаат самите, но едно знам - дека ваквото некоректно и непринципиелно однесување, ваквото газење на меѓународните права и начела и на меѓународното право воопшто, кое Грција го прави и ги доведува и земјите-членки на НАТО тоа да го прават - да бидат во незгодна ситуација да ни зборуваат дека не е само правото во прашање, туку и политички одлуки, кога добро знаат дека политичката одлука не може да биде во спротивност со меѓународното право. Можам само да кажам дека таа политика на Грција еден ден ќе и се врати како бумеранг и ова не може вечно да трае, истакна Груевски во изјава за медиумите по пуштањето две нови лаборатории на Машинскиот факултет.