Владата на Република Северна Македонија ќе ја одржи својата 139-та редовна седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата 139-та седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

Министрите во Владата на РСМ денеска ќе го разгледаат Извештајот за работата на Информативното тело формирано согласно Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Информативно тело за олеснување на трговијата на Владата на Република Северна Македонија за Светската трговска организација.
 
На предлог на Министерство за здравство, владата денеска ќе донесе одлука по Информацијата за давање одобрение за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на медицинска опрема - апарати за хемодијализа, за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември Скопје и ЈЗУ Завод за нефрологија од Струга, како и по Информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на медицинска опрема, за потребите на ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина - Скопје.
 
Министерството за труд и социјална политика за оваа седница ја предложи и точката Информација за работата на Националното координативно тело за следење на имплементацијата на Стратегијата за Роми и Интеграција на Ромите 2020.
 
Редовната, 139-та седница на Владата на РСМ е предвидено да започне во 12:00 часот.