Николовски: Реконструкцијата на домот „Стив Наумов“ е само еден сегмент од нашата посветеност да ги подобриме условите и животниот стандард на студентите

Директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски денеска на прес–конференција информираше за последната одлука на Владата на Република Северна Македонија, според која Министерството за образование е задолжено да го реконструира Студентскиот Дом „Стив Наумов“ и во целост да ги стави функција сите 1221 легла во зградите 1,2 и 3. 

Истакнувајќи дека на овој начин на студентите ќе им се овозможат достоинствени услови за живот и учење, Николовски посочи Студентскиот центар заедно со Министерството за образование и наука и со Владата на Република Северна Македонија, интензивно работи на подобрување на условите и во другите студентски домови, односно дека на почетокот на годинава беа реновирани блоковите В и Г во Студентскиот дом Гоце Делчев. Николовски додаде дека паралелно се води грижа и за парковите во студентските домови. 

„Ја цениме поддршката што во континуитет ни доаѓа од Владата на Република Северна Македонија. До сега, 2 пати финансиски не поддржа со покривање на режиски трошоци од над 100 милиони денари со што се подмирија дел од наследените долгови и се одблокира нашата работа. Во процедура е предлог законот за изменување на законот за студентскиот стандард по скратена постапка, со цел да се овозможи државата да може да ги подмири долговите во делот на режиските трошоци, а истото да го направи и за сите други работи. После повеќе од 13 години ќе се создаде можност оваа задолжена институција да застане на здрави нозе и да работи во служба и за добро на студентите“, рече меѓу другото директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски. 

Менувајќи го системот на греење од мазут на системот на централно греење на БЕГ во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, Николовски пред претставниците на медиумите потенцираше дека Државниот студентски центар е една од првите државни институции којашто се вклучи во Планот за чист воздух и институција којашто ќе ги намали трошоците за греење.

„Потпишавме меморандуми за соработка со општините Центар и Гази Баба, а во наредниот период ќе потпишеме исти такви меморандуми и со општина Карпош и Град Скопје со цел заеднички да се посветиме на работа во интерес на студентите, за поголемо ниво на одржување на хигиената, безбедноста и уредување на јавните површини. Исто така, потпишавме меморандум за соработка со МОФ и преземавме обврски заедно да работиме на повеќе проекти. Заедно со МОФ работиме и на истражување на студентскиот стандард со цел да ги подобриме условите и начинот на живеење“, додаде Николовски. 

На денешната прес-конференција Николовски истовремено потсети дека од сега сите студенти имаат можност да аплицираат за европската младинска картичка со којашто ќе можат да ползуваат многу бенефиции и можности и додаде дека во тек е процес за потпишување на меморандум помеѓу Министерствата за финансии и за образование и наука и KFW банка, со којшто би се подобрила енергетската ефикасност на сите студентски домови во државата.