Денеска во Трст, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на состанокот на Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ). Со состанокот претседаваше италијанскиот МНР, Ензо Моаверо-Миланези како домаќин на министерскиот состанок во годината во која ЦЕИ одбележува 30 години од своето постоење.
Поздравувајќи ја силната заложба и посветеност на Италија во текот на првата половина од претседавањето со ЦЕИ, МНР Димитров го истакна значењето и улогата на ЦЕИ во изминативе триесет години, како во насока на стабилизирање на Регионот, така и за прашањата поврзани со неговата безбедност и одржлив развој:
МНР Димитров: „Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската - потесна соработка, поголема трговија и волја за решавање на проблеми.
За прв пат во историјата на мојата земја, немаме проблеми со ниту еден сосед. Разлики ќе постојат, но полесно се совладуваат доколку односите со соседите се пријателски. Токму тоа ние го направивме, станавме партнери и пријатели со сите наши соседи.”
Во контекст на позитивните ефекти од добрососедската политика и соработка, МНР Димитров ги наведе и предизвиците кои може да се надминат единствено со заеднички напори, континуирана соработка и доверба.
МНР Димитров: „Проблем на една земја, претставува проблем за сите во регионот. Исто така, прогресот и добрите вести на таа земја, се пренесуваат и на останатите. Нашата визија за регионалната соработка е ова второто - сите да помогнат каде што има проблем, но и сите да го поддржат добриот пример.”
Министерот Димитров се осврна и на потребата за поблиска соработка на ЦЕИ со ЕУ, во рамките и духот на европските вредности. За време на пленарниот состанок, претставниците на земјите-членки на ЕУ, покрај за придобивките на регионалната соработка во светло на 30 годишнината од постоењето на ЦЕИ, во своите обраќања го истакнаа како круцијално носењето на одлука за започнување преговори на нашата земја со ЕУ без одлагање.
На крајот на Состанокот беше усвоена Декларацијата Трст во која беше потврдена важноста на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан, истакнувајќи го значењето на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, за целиот регион.
На маргините на состанокот, МНР Никола Димитров оствари средби со своите колеги од: Хрватска, заменик-претседател на Владата и МНЕР Пејчиновиќ-Буриќ, Словенија МНР Церар и Црна Гора, МНР Дармановиќ. На средбите беше потврдена безрезервната поддршка од трите блиски и пријателски земји, како и нивната заложба за добивање на одлука за отпочнување на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Централно европската иницијатива ја сочинуваат седумнаесет држави од централна и југоисточна Европа, а нејзината цел, како меѓувладина платформа за консултации на високо ниво, е да ја поддржи европската интеграција на земјите-членки и регионалната соработка како меѓу земјите, така и во рамките на ЦЕИ со ЕУ. На овогодинешниот министерски состанок во Трст беше потврдено дека Црна Гора ќе биде идниот претседавач со ЦЕИ во 2020 година.