Премиерот Заев на годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство: Двесте компании со германски капитал вработуваат 20.000 граѓани, тоа е доказ дека нашата земја има европски стандарди за бизнис

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во придружба на заменикот на претседателот на Владата на РСМ задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, ја започна дводневната посета на СР Германија со учество на свечениот годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство.

 

 

Премиерот Заев како почесен гостин на оваа свеченост, имаше свое обраќање на тема „Реформите во стопанството и општеството - Патот на Северна Македонија во ЕУ“, и зеде учество во панел дискусијата насловена „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ-перспективите за регионална соработка“.

Во своето обраќање „Реформите во стопанството и општеството - Патот на Северна Македонија во ЕУ“, претседателот на Владата на РСМ Заев потенцираше дека паралелно со политичките реформи, зајакнувањето на институциите и целосната демократизацијата на земјата, Северна Македонија влезе посветено во создавање услови за економски раст и во создавање на поволна клима за привлекување на интересот на странските инвеститори, како и на поддршка на домашните компании со својот развој, да учествуваат во развојот на земјата.

„Пред 10 дена добивме уште една, овој пат безусловна препорака за старт на преговорите по поглавјата со ЕУ. Заедно со процесот за членство во НАТО, признанијата се однесуваат и на нашите политички остварувања во добрососедската политика. Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, а храбрите одлуки се наградени со признанието дека ние сме блескав пример во регионот“, истакна Заев во својот говор на годишниот прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство во Берлин.

Премиерот Заев рече дека Северна Македонија сега со право ја очекува позитивната одлука од Европскиот Совет за почеток на преговорите со ЕУ по поглавја, и дека секое друго решение негативно ќе се одрази на политичката ситуација во земјата и во регионот, и ќе го охрабри влијанието и интересот на трети страни во регионот.

Претседателот на Владата на РСМ Заев нагласи дека одлагањето на позитивна одлука за Северна Македонија од ЕУ, ќе ги забави реформите и ќе влијае негативно на економските трендови кои во последните две години добија нагорна линија.

„Владата на Северна Македонија ја прогласи 2019 година, за година на економијата и веќе постигна одлични резултати за да го потврди тоа. Минатата година ја завршивме со рекордни директни странски инвестиции во висина од 624.5 милиони евра. Во првиот квартал земјата постигна раст на БДП од 4,1%, за разлика од истиот квартал пред две години кога земјата беше во рецесија. Се отвораат нови работни места, а невработеноста за две години од 23% падна на 17,8%“, ги информираше премиерот Заев претставниците на германските компании од Здружението за Источна Европа на германското стопанство.

Заев додаде дека двесте компании со германски капитал вработуваат 20 илјади граѓани, тоа е доказ дека нашата земја има европски стандарди за бизнис, и дека самите германски компании во земјата се препорака за охрабрување на интересот на другите бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија. 

Претседателот на Владата на РСМ Заев укажа и на потенцијалите што лежат и во регионалната соработка и поврзување, како можност за економски проекти.

„Во однос на регионалната соработка, првиот синоним е - Берлинскиот процес. Благородна иницијатива која им даде можност на политичките лидери на земјите од Западен Балкан да покажат подготвеност за суштински и длабоки внатрешни реформи и заемна соработка во неколку главни области. Имплементацијата на агендата за поврзување и повеќегодишниот акционен план за регионален економски простор има важна цел да го забрза развојот на регионот и да го подобри квалитетот на животот на нашите граѓани. Ние остануваме силно посветени на понатамошни резултати“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање „Реформите во стопанството и општеството - Патот на Северна Македонија во ЕУ“,  на годишниот прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство.

На дискусијата „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ-перспективите за регионална соработка“, сите соговорници се согласија дека Северна Македонија, како пример на успешни реформи и напредок во евро-атлантските интеграции, е инспирација и за останатите земји од регионот кои очекуваат на земјата да и биде определен датумот за старт на преговорите по поглавја како охрабрување и за регионот. 

Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев вечерва се сретна и со генералната секретарка на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан, Мајлинда Брегу.