Бектеши: Иднината на индустријата е во паметна специјализација, дигитализација, воведување циркуларна економија и интернационализација

Министерот за економија Крешник Бектеши учествуваше на 3. Меѓународна научна конференција за бизнис и економија, насловена „Од транзиција до развој: Предизвици и перспективи“, која се одржа на Универзитетот на ЈИЕ во Скопје.

Министерот Бектеши на конференцијата се осврна на влијанието на економијата базирана на знаење во процесот на креирање на политики. Презентирајќи дел од владините мерки и активности за поддршка на економијата која треба да ги следи брзите технолошки промени и да им помогне на фирмите побрзо да се прилагодат на новонастаните услови, а воедно да ја зголеми соработката меѓу владата, факултетите, бизнисот и општините за да се искористат постојните капацитети и потенцијали, Бектеши рече:

„Преку Планот за економски раст и новата ревидирана индустриска политика, фокусот го ставивме на преработувачката индустрија, стимулирање и поддршка на инвестициите, трансферот на технологии, поддршка на иновациите, вработувањето, зајакнатата соработка на науката со индустријата и интернационализацијата. Со нов сет на мерки се обидуваме да ја отвориме иднината на индустријата кон паметна специјализација, дигитализација на индустријата, воведување циркуларна економија и интернационализација базирана на нови поквалитетни и поконкурентни производи“.

Според Бектеши, индустрискиот сектор претставува темел на економијата и е тесно поврзан со економски раст, инвестиции, извоз, вработувања, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации и сл. Притоа, фокусот е ставен на преработувачката индустрија, бидејќи статистиките покажуваат дека таа учествува со 12,2% во БДП (2016 година), вработува 19% и учествува со 10% во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87% од извозот се создава кај компаниите од индустријата. Речиси 40% од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачка индустрија, од кои 75% се концетрирани во 3 сектори и тоа: транспорт и опрема; основни и преработени материјали и преработка на храна.

„Затоа со посебна сериозност пристапивме кон изготвувње на Стратегија за паметна специјализација, која треба да биде готова во 2020 година. Изготвувањето, а посебно со имплементацијата на оваа стратегија ќе значи и зголемување на соработката меѓу јавниот сектор, бизнис секторот и научно-истражувачкиот и иновативен сектор, стимулирање на приватните инвестиции во истражување и иновации, пристап до европските структурни и инвестициски фондови, пристап до фондови за истражување, инструменти за технолошки иновации и трансфер на технологии на МСП“, објасни Бектеши.

Ректорот на Универзитетот на ЈИЕ, академик, проф. д-р Абдулменаф Беџети се осврна на предизвиците со кои се соочува државата во постранзицискиот период, фокусирајќи се на дискрапанците во макроекономските показатели низ годините, како и проблемот со трговскиот дефицит на земјата предизвикан од доминацијата на увозот во споредба со износот.

„Сите овие аспекти кои денеска ги дискутираме ќе бидат предмет на истражување, а заклучоците ќе бидат испратени до креаторите на економските политики во државата, бидејќи се навистина отворени за соработка“, рече академик Беџети.

Деканот на Факултетот за бизнис и економија, проф. д-р Хирије Абази го објасни значењето на темата на годинешната научна конференција, која го отсликува фактот дека фундаментални промени се случија со неевропските транзициски економии, како во карактерот, така и во динамиката на нивниот развој, што може да влијае на начинот на кој земјите од Западен Балкан, во процесот на пристапување кон ЕУ и НАТО, ќе се соочат со предизвиците пред себе.

Министерот Бектеши во своето обраќање посебно го поздрави добриот пример на УЈИЕ, кој со формирањето на технолошкиот парк им помага на младите иновативни претприемачи и претпријатија, поврзаувајќи ги академскиот, бизнис секторот и локалните и националните власти.