Вечерва министерот за надворешни работи, Никола Димитров, заедно со заменикот на претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи гостуваа во емисијата „Патот кон”, во рамките на серијата јавни настапи „Две години Влада - Одговорно пред граѓаните“.
Во рамки на дискусијата поврзана со денешната работна посета на Берлин, министерот Димитров изјави: „Целиот контекст ја прави ситуацијата комплексна. Но она што ме храбри е тоа што имаме сојузник во канцеларката Меркел. Ние денеска од состанокот во Берлин излеговме охрабрени.”
Министерот зборуваше и за нашите обврски во следниот период.
„Имаме работа се додека не добиеме датум за преговори. Поточно имаме една незавршена обврска - тоа е решавање на статусот на СЈО. Во овој процес опозицијата има улога исто така”, истакна Димитров.
Понатаму, заменикот на претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска во продолжение истакна: „Владата покажа дека не толерира да се кријат податоци кои им се потребни на јавноста и медиумите да ја вршат својата работа. Затоа имаме активна транспарентност која во минатото беше мислена именка. Антикорупциската комисија работи слободно и отвара предмети за разлика од порано. Ние и на дело докажавме дека веруваме во силни институции кои нема да зависат од нашиот телефон.”
Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи истакна: „За нашата работа изминативе две години најдобро говори Извештајот на Европската Комисија кој претставува најмериторно, најобјективно, и може да се посочи и како најстручно тело за да даде оценка за нашата работа“, посочувајќи дека според објективните критериуми Европската комисија и даде повисока оценка на земјава и од Србија, и од Црна Гора кои веќе преговараат за членство со Унијата.