Редовен надзор во судовите за АКМИС системот – предметите се доделуваат електронски, нема доделени предмети на рака

Министерството за правда со поддршка на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија денеска организираше тркалезна маса насловена како „Право на независен и непристрасен суд –Автоматска распределба на предметите – АКМИС систем, Закон за управување и движење на предметите“, на која беа презентирани заклучоците од надзорот на функционалноста на АКМИС системот во судовите.

Во воведното обраќање, министерката Дескоска истакна дека не е воопшто лесно да се врати довербата која се губела десет години, но дека со доследна имплементација на новите законски решенија од страна на судовите, може да се зајакне кредибилитетот и угледот на судството. 

Дескоска истакна дека со последните измените и дополнувањата на Законот за судовите, се зајакна и контролниот механизам над примената на Автоматизираниот систем за управување со судските предмети познат како АКМИС. 

Оваа година, Министерството за правда планира да изврши надзор над функционалноста на АКМИС системот во 16 судови. Досега, завршен е надзорот над осум судови, односно половина од предвидените за оваа година. 

Комисијата за надзор,  согласно Планот за надзор донeсен во февруари 2019 година,  досега го изврши увидот во функционалноста на АКМИС-от во следните осум судови: Управен суд Скопје, Виш управен суд, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд Кавадарци, Основниот суд Куманово, Основниот суд Тетово и Основниот суд Кичево. Надзорите ќе продолжат до крајот на годината.

- Од завршениот увид досега, се заклучи дека движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС системот, а распределба и прераспределба на предмети се врши електронски и досега не се забележани случаи на доделување на предмет на рака, истакна Дескоска.

Натаму, таа додаде дека судиите редовно вршат прием на предмети електронски, изземањата на судиите се врши по законска процедура и врз законски основи, а исклучување и вклучување на судии од АКМИС се врши со образложена одлука заради отсуство подолго од пет дена. 

Годишните извештаи за распоред на судии се менуваат заради организациски потреби на судот и избор или заминување на судија во пензија или делегирање на судија во друг суд, додека пак предметите во судовите се распределуваат еднаш дневно во 14.30 часот, а итните веднаш. 

Одлуки за рачна распределба на предмети има кај предметите по кои  постапува само еден судија, и во овој случај предметите се распоредуваат електронски со тоа што истите се доделуваат на ист судија.

-Надзорот покажа одреден број на слабости кои системски треба да се решаваат но истовремено покажа и на исклучително подобрена работа во делот на Автоматската распределба на предметите, односно во сите контролирани судови,  АКМИС системот е во употреба, потенцираше министерката за правда.

Во тек е изготвување и на нов Закон за управување со движењето на предметите во судовите – информираше министерката Дескоска, која додаде дека со новото законско решение се предвидува зајакнување на механизмите за автоматска распределба на предметите во судовите, се врши прецизирање на надлежностите на телата и органите задолжени за примена и контрола на АКМИС и на законски основ се прецизира задолжителноста на користењето на Автоматизираниот систем за управување со предметите во судот.

Дескоска истакна дека останува едно прашање коешто комисијата долго гo дебатира во Министерството за правда. Станува збор за изигрување на АКМИС системот, најчесто од страна на странките и клиентите во судот. На тој начин што адвокатите покренуваат повеќе постапки за еден ист предмет, па кога предметот ќе биде автоматски распределен, доколку не им се допадне судијата, тие го повлекуваат предметот, и тоа го прават повеќе пати се додека предметот не биде доделен автоматски кај посакуваниот судија.

-Се надевам дека ќе изнајдеме решение кое ќе превенира една ваква ситуација, да нема можност со изигрување на системот да можете да таргетирате судии.  Тоа прашање треба да се решава не само преку измени на АКМИС системот, туку и со соодветна законска основа за казнување и спречување на ваквото играње со системот – потенцираше Дескоска. 

Своето обраќање, министерката Дескоска го заврши цитирајќи препорака на Европската Комисија од Извештајот за напредокот на земјата: “Покрај законските промени, од суштествено значење е сите правосудни институции да бидат пример и да придонесат, преку дополнителни напори, на враќање на довербата на јавноста во правосудството“.