Споделување на добри практики за обука на наставници за спречување на насилен екстремизам (СНЕ) помеѓу Република Албанија и Република Северна Македонија

На 30 и 31 Мај, 2019, во Хотел Арка Скопје, се одржа работилница на која учествуваа претставници од Република Албанија и Република Северна Македонија со цел споделување на добри практики за обука на наставници за СНЕ. Оваа дводневна работилница беше реализирана со поддршка на Меѓународната Организација за Миграции (IOM).  

На работилницата присуствуваа националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на Република Северна Македонија, Борче Петревски, националниот координатор за спречување на насилен екстремизам на Република Албанија, Агрон Сојати, експерти и практичари од образовните сектори од двете земји, кои ги споделија искуствата во областа на спречување на насилниот екстремизам и радикализацијата во училиштата. 

Главната тема беше размената на добри практики за обука на наставниците од Северна Македонија и Албанија. Размената на информации, анализата и разбирањето на локалните перспективи и активности кои треба да се преземат беа разгледани со претставниците на Канцелариите на националните координатори на двете земји. Оваа активност беше организирана како дел од Регионалниот проект на IOM: „Превенција на насилен екстремизам преку локални гласови и иницијативи во Западен Балкан”.

Претставниците на Република Албанија детално го претставија начинот на спроведувањето на обуките во нивната земја, како и образовниот систем кај нив. Дополнително, беа споделени и нивните следни чекори во образовниот систем на национално и регионално ниво, поврзани со темата на дискусија. Истовремено, претставниците од Република Северна Македонија ја споделија структурата на образовниот систем во земјата како и досегашните преземени активности на ова поле.  

Резултатот од оваа дводневна работилница беше позитивен, споделувањето на искуствата од двете земји беше многу корисна, особено кога Република Северна Македонија е во фаза на надградба на локалните капацитети во образовниот систем во СНЕ и процесите на радикализација. Дополнително, за време на оваа работилница беа договорени конкретни чекори за понатамошна соработка со Република Албанија во наведената област.