Средба на премиерот Заев со швајцарската амбасадорка Тејада: Подготвени да поддржиме изборни реформи најдобри за граѓаните и нивното право на избор

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда Рената Дескоска, се сретна со амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Сибил Сутер Тејада.

На средбата е изразена благодарност за определбата на Швајцарија, којашто е голем и долгогодишен пријател на нашата држава во процесот на демократизацијата на нашата земја,  преку конкретен проект, да ги поддржи изборните реформи во Република Северна Македонија.

На средбата како заеднички цели се констатирани: зајакнување на институциите за спроведување фер и ефикасни изборни процеси, поголема демократизација на партиите и политичкиот систем и вклучување и поддршка на граѓанскиот сектор во следењето на изборните ветувања на политичките партии.

Премиерот Заев соопшти дека Владата е подготвена да поддржи изборни реформи коишто најдобро ќе го гарантираат едно од основните човекови права - правото на избор.