Отворен е нов објект на градинката „Рада Поцева“ во Општина Кавадарци. Во „Петар Пан“ ќе се згрижуваат до 23 деца на возраст од 2 до 6 години. Објектот „Петар Пан“ има површина од 126,42 м², а Министерството за труд и социјална политика за него обезбеди средства во висина од 619.200 денари.
„Градинката е место каде започнува развојот на детето. Тука децата го осознаваат светот, тука ги градат темелите на нивниот понатамошен развој и напредок. Токму затоа, ние продолжуаме да инвестираме во нови објекти, но и во кадрите кои се грижат за нашите најмлади и целокупниот квалитет на предучилишното образование“, изјави министерката за труд и социјалната политика, Мила Царовска.
Во моментов во тек се градежните активности за уште два објекти „Детелинка“ и „Снежана“ за кои Министерството за труд и социјална политика издвои 2.6 милиони денари, за капацитет од 130 деца. За две години изградени се вкупно 24 нови објекти на градинки, а за 2019 е издвоен 300% повисок буџет за оваа намена.
Досега обезбедени се 1.400 согласности за вработувања во градинките. Исто така, во октомври лани сите 4.300 вработените во градинките добија плата повисока за 5%, а зголемувањето на платата на овој кадар продолжува и годинава.