Премиерот Заев и министерката Царовска на донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна: Мрежата „Сите сити“ и проектот „Оброк за сите“ се иновативни решенија за распределба на вишокот храна за оние на кои им е најпотребна

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружен од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, денеска учествуваше на „Донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна“, организирана од страна на граѓанската организација „Ајде Македонија“.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев рече дека системот „Сите сити“ кој се промовираше на конференцијата, е добар пример како може да работат заедно граѓанскиот сектор, бизнис секторот и Владата за подобрување на состојбата на сите граѓани и упати јавна покана, во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна. 

„Денешната донаторска конференција е показател дека секој од нас може да се вклучи и да направи нешто, за да помогне. Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество, а солидарноста е одлика на нашиот концепт „Едно општество за сите“, каде елементарниот приоритет е граѓанинот, неговите права и еднакви можности, без поделби и исклучоци“, рече премиерот Заев. 

Покрај целосната поддршка на Владата, за мрежата на 31 граѓански организации „Сите сити“ дадоа поддршка и Министерството за труд и социјална политика заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, преку пилотирање на потенцијални модели и Програма, којашто ќе даде системска одржливост во напорите за помош на социјално ранливата категорија граѓани. 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска се заблагодари на сите компании коишто даваат поддршка на оваа иницијатива, но и сите граѓански организации и институции, посебно на ФИТР за обезбедување на два милиони денари и препознавање на вредноста да се инвестира во систем, којшто ќе ги најаде сите граѓани кои во моментот се гладни. 

„Денеска, во светот има 800 милиони луѓе коишто се гладни и секое четврто дете е со заостанат развој само поради тоа што има недостаток на храна, а притоа сите истражувања покажуваат дека немаме недостаток на храна, туку вишок. Во нашата земја имаме 12 тони вишок на храна, со која може да нахраниме 26.000 наши сограѓани, и тоа ни кажува дека сите тие коишто денеска на некој начин се во системот на социјална заштита и примаат одреден додаток, ќе може да им го надополниме нивното мени и да добијат соодветен оброк“, рече министерката Царовска и додаде дека се очекува до крајот на 2020 година, со ова системско решение за собирање и дистрибуција на безбедна и здрава храна од компаниите, да има понајадени деца и семејства, а тоа значи попродуктивни и посреќни граѓани коишто ќе можат да вложат во економијата на државата.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски истакна големо задоволство што по само една година од првичната иницијатива, денеска веќе има конкретни резултати во реализацијата на иновативното решение за обезбедување на оброк за сите. 

„Проектот „Оброк за сите“ е дел од нашите политики за повторно враќање на солидарноста, како вредност во општеството што беше занемарено години наназад, и со кој целиме кон значително зголемување на процентот на задоволување на потребите за храна кај оние наши сограѓани кои имаат потреба од ваква поддршка. Таа цел може да се оствари со подобра организација и искористување на постојните ресурси што државата и компаниите ги имаат на располагање. Вистински наш партнер во овој проект се НВО секторот и компаниите“, рече во своето обраќање директорот на ФИТР, Деспотовски и додаде дека соработка ќе се проширува и на други проекти во делот на социјалните и иновациите во јавниот сектор.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружен од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денеска учествуваа на „Донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна“ во организација на „Ајде Македонија“.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев. 

„Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество, а солидарноста е одликата на нашиот концепт „Едно општество за сите“, каде што елементарниот приоритет е граѓанинот, неговите права и еднакви можности, без поделби и исклучоци. 

Почитувајќи ги овие приоритети и воведувајќи европски стандарди за социјална заштита, оваа Влада, се посвети на донесување мерки за директно намалување на сиромаштијата. И затоа, безрезервно ја подржуваме програмата за поддршка на ранливите категории, преку донирање храна од страна на бизнис операторите. 

Мрежата „Сите сити“, која ја има целосната поддршка на Владата, овозможува креирање на нов систем за помош за оние наши сограѓани кои имаат реална потреба. Овој Систем, има хумана, солидарна цел и се заснова на поефикасно искористување, преку донирање, на сите вишоци храна, кои во моментов, за жал, дури и се фрлаат. 

Но, истовремено овој систем е комплексен, и ја поттикнува свеста кај граѓаните за важноста од правилното третирање на вишокот храна и нејзина понатамошна еколошка обработка.

Според податоците на „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации“ (ФАО), во нашата земја, 30 проценти од храната завршува како отпад. И тоа навистина е голема штета. Затоа што со намалување на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на кои навистина тоа им е потребна, Северна Македонија дополнително може да го намали проблемот со сиромаштијата, но и да ги поттикне веќе воспоставените позитивни промени во општеството.

Затоа и ние како Влада се вклучивме, да овозможиме законски основи и да ја поддржиме изградбата на систем, кој ќе го зголеми пристапот на граѓаните до квалитетна храна. Во наредниот период, очекуваме да се донесе Законот за донирање на вишокот храна. 

Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации и технолошки развој дадоа поддршка на „Сите сити“ во пилотирањето модели, кои имаат потенцијал да прераснат во Програма, која ќе даде системска одржливост во напорите за помош на социјално ранливата категорија граѓани. 

„Сите сити“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, работи на изработка на Стратегија за превенција на отпадот и загубите од храна.

Системот „Сите сити“, е добар пример како може да се работи заедно - граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и Владата, - за подобрување на состојбата на сите граѓани. 

Денешната Донаторска конференција е показател дека секој од нас може да се вклучи и да направи нешто, за да помогне. 

Затоа, ја користам приликата, да упатам јавна покана, во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна. 

Помошта не се однесува само на обезбедување храна за дел од нашите сограѓани, кои не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, туку и за правилна употреба на илјадниците тони безбедна храна која завршува на отпад и депонии. 

Чест ми е да присуствувам на оваа Донаторската конференција за донирање на вишоци храна, во која се вклучија и педесетина компании и навистина ми е драго, што имам можност да искажам голема благодарност за организацијата и за учеството на овој настан, но најповеќе за компаниите којшто го прават овој храбар чекор. 

Благодарам и нека е со успех целиот проект којшто со оваа денешна конференција буквално сака да испрати порака да расте во обем, да мотивира и други и да бидеме навистина социјална држава како што личи.“