Пуштени во употреба токсиколошка и офтамолошка лабораторија во Институтот за медицина на трудот во Чаир
Премиерот Никола Груевски и министрите за здравство и за образование и наука, Никола Тодоров и Панче Кралев денеска пуштија во употреба две нови лаборатории во Институтот за медицина на трудот во Чаир.
Целта на лабораториите, според министерот Кралев, е да се подобрат условите во кои се одвиваат токсиколошките испитувања и испитувањата од областа на офтамологијата.
- Со помош на оваа апаратура лекарите во иднина ќе може да го зголемат своето учество во научно истражувачки проекти, но ќе добиваат и попрецизни резултати и подобри услови за работа кога станува збор за испитувањето на јавното здравје, изјави Кралев.
Лабораториите, како што истакна министерот Тодоров, во голема мера ќе помогнат во подобрување на работата и на квалитетот на здравствената услуга што се дава во Институтот за трудова медицина.
- Со атомскиот-спетрофотометар кој за првпат се набавува во Република Македонија ќе може да се прави детекција на тешки метали во крвта. Тоа значи сите што имаат потреба да ваква анализа ќе може да ја направат во Институтот. Досега за такви анализи се испраќаа пациентите во странство, информира Тодоров.
Со новата офтамолошка опрема, која, рече тој, се состои од апарат за мерење на очен притисок и еден апарат за определување на диоптрија жителите од овој дел на Скопје ќе може да добијат услуга во близина на местото на живеење.
Вредноста на двете лаборатории изнесува околу 500 илјади евра. МОН досега потпиша договори за набавка на 85 лаборатории, а предвидено е да се набават 190 лаборатории во цела држава.