Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше заедничка средба со Сибил Зутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија и со Роберт Скот Хејзлет, лидер на тимот на Програмата за парламентарна поддршка од НДИ.
Премиерот Заев изрази поддршка на проектот „Програма за парламентарна поддршка“, потпишан помеѓу швајцарската влада и Собранието на Република Северна Македонија, што има за цел зајакнување на капацитетите на Парламентот, а чијшто донатор е швајцарската Влада и се имплементира со поддршка од НДИ.
„Силно го поддржуваме овој проект и сите активности коишто се во насока на обезбедување што е можно поголема независност на Парламентот, што подразбира подготовка на закони коишто произлегуваат од самите пратеници, одговорно работење на пратениците, помирување помеѓу пратениците, нивно што е можно поголемо доближување до граѓаните кои им ја даваат довербата. Во овој драгоцен, редок и специфичен период за Република Северна Македонија, од голема важност е улогата на Парламентот и неговите капацитети за независно, одговорно, ефикасно и професионално работење во интерес на граѓаните и на државата“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на Владата на Швајцарија и на швајцарската амбасада, како и на НДИ за поддршката на нашата држава во процесите на демократизација.
На средбата беше претставен десетгодишниот проект финансиран од Швајцарија, со којшто ќе се зајакнуваат организациските структури, надзорната и законодавната функција и транспарентноста на Собранието на Република Северна Македонија, а е разговарано и на кој начин премиерот Заев и Владата можат да придонесат во клучната цел, обезбедувањето независност во работата на Парламентот и на пратениците.