Претседателот на Координативното тело за изработка на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, Роберт Алаѓозовски денеска заедно со заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов учествуваа на јавна дискусија за Нацрт-текстот на Стратегијата, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје, чија основа е почитувањето на правото на недискриминација и на еднаквост независно од полот, расата, родовата или социјалната и национална припадност.
Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, кој е координатор за кластерот образование, во својот воведен говор се задржа на појдовната цел за создавање на Стратегијата, која како што подвлече, го подигнува прашањето за неопходни промени во општеството на ниво на вредност.
„Кога како вредност ќе ја поставиме комуникацијата, за да ја надминеме поделеноста во општеството, тогаш Стратегијата ќе ја поставиме да ни служи за поврзување. Се покажа дека мултикултурализмот ги замрзнува процесите и не води кон напредок. Интеркултурализмот значи соработка меѓу индивидуите и почитување“, истакна Атанасов. Заменик-министерот Атанасов, подвлече дека заедно со претставниците на граѓанските организации, меѓународни и домашни експерти се работи на враќање на комуникацијата во основното образование, од најмалата, предучилишна возраст, да се учат јазиците на сограѓаните за да може да се надмине поделеноста.
Дека познавањето на јазикот на другиот, е најголемата точка која зближува и соединува, нагласи и претседателот на Координативното тело за изработка на Стратегијата, Алаѓозовски, кој пред присутните професори, студенти, наставници и научни работници ја презентираше Нацрт верзијата на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Северна Македонија“.
„За нас „Едно општество за сите“ подразбира признавање на сите различности, гарантирање и обезбедување, еднаквост, социјална правда, правичност, еднакви можности, вклученост и учество на граѓаните во одлучувањето и постигнување општествена кохезија“, порача Алаѓозовски, информирајќи дека сите заинтересирани може до Владата да ги испратат своите сугестии за подобрување на текстот на Стратегијата, чија цел е надминување на поделеноста по етничка припадност, како и заштита од нееднаквост и дискриминацијата.
Пратеникот во Собранието на РСМ Рубин Земон, рече дека Стратегијата го развива концептот за подигнување на свеста за вистинските поделености и остварување институционален дијалог за тоа како различните култури функционираат меѓу себе.
„Ние постојано дебатираме и знаете дека за нас фокусот е во насока на заедниците, нивна инклузивност и постигнување симбиоза на културите, тоа е суштината на интеркултурализмот“, оцени пратеникот Земон.
Деканот на Филозофскиот факултет Проф. д-р Ратко Дуев, ја поздрави денешната дебата и ја нагласи важноста на вклучувањето на академската заедница во дискусијата за сите важни прашања, кои ќе помогнат во градењето на интегрирано општество, позитивно оценувајќи го изготвувањето на Стратегијата, која како што подвлече е и дел од исполнувањето на европската агенда.
За Проф. д-р Ирена Рајчиновска-Пандева, продекан на Правниот факултет во Скопје, промоцијата на интеркултурализмот е навремена и соодветна за Република Северна Македонија, додавајќи дека процесите отвораат и образовен предизвик од аспект на надминување на јазичните бариери, кои се важен дел во остварување на идејата за заедништво и почитување.
Професорот Ивица Џепаровски, од Философскиот факултет, во своето обраќање се задржа на потребата да се работи на градење на концептот на транскултурализмот и трансхуманизмот и нагласи дека клучните промени треба да се направат во образовниот процес каде со зајакнување на комуникациските вредности ќе се надминат поделбите во општеството.