Премиерот Заев по повод 23 јуни - Светскиот ден на јавните службеници: Да бидеме пример што значи да се биде посветен на потребите на граѓаните и кон стратешките приоритети на сопствената земја

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, упати писмо со честитки по повод 23 јуни - Светскиот ден на јавните службеници, утврден како меѓународен ден од страна на Обединетите нации, до сите службеници, вработени во јавниот сектор, која ви ја пренесуваме во целост:

Вчерашниот ден, 23 јуни, Светскиот ден на јавните службеници повикува на мисијата на јавните службеници, на тоа дека вработените во јавните служби работат за граѓаните и им служат на сите без исклучок.

На тоа нѐ повикуваат вредностите на јавната служба и ова е вистинскиот момент да се повикаме на нив: Време е за служба со интегритет!

Интегритетот е во основата на вредностите на јавната администрација и клучен принцип за заштита од корупција и од лични интереси. Кога јавниот сервис им служи со интегритет на граѓаните, ги штити и суверенитетот, независноста, безбедноста и просперитетот на земјата и ја поддржува правдата и еднаквоста.

Прашање на интегритет е стремежот да се напредува во професијата за да се постигне совршена јавна служба како сервис на граѓаните.

Време е да ја ставиме одговорноста на врвот на нашите приоритети!

Да се биде фер и непристрасен и да се услужат луѓето праведно и подеднакво без дискриминација или фаворизирање при извршувањето на обврските и одговорностите е нашата мисла водилка.

Сите ние, вработените во јавните служби, треба да покажеме пример - што значи да се биде посветен кон потребите на граѓаните и кон стратешките приоритети на сопствената земја.

Да се биде посветен на општеството значи да се има желба да се служи на јавниот, општествен интерес и да се стават националните интереси пред личните.

Да се биде храбар е морална обврска!

Морална храброст и обврска е да се работи на потребите на граѓаните, да се грижиме за луѓето, многу повеќе отколку да се извршуваат работите технички и единствено „во согласност со законите“. Никој не смее да ви забележи на храброста да зборувате во име на безгласните и да го кренете гласот кон оние во вашите редови што сметаат дека тоа не е ваша обврска. Јавната служба мора да биде согласно закон и согласно потребите на граѓаните.

Моралната вертикала и храброста нема да ги најдете во описот на вашето работно место или во огласот за работа на јавните службеници. Таа храброст треба да ја поседувате или да ја предизвикате кога ќе прифатите да бидете вработен во јавната администрација.

Моралната храброст е моќна алатка зашто мотивира и се шири и ги охрабрува и другите да ја прифатат.

Ви благодарам за ангажманот со кој ги сервисирате граѓаните и нека е честит Меѓународниот ден на јавните службеници.