Нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, за кој, вчера се одржа завршната од серијата јавни дискусии по градовите, денеска беше претставен и на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, на взаемна иницијатива и интерес за претставување на Стратегијата пред академската заедница на оваа образовна институција.
Во рамки на дискусијата, свои воведни обраќања имаа ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети, проректорката за истражување и меѓународни односи на УЈИЕ, Беса Арифи, пратеникот во Собранието на РСМ Рубин Земон и претседателот на Координативното тело за изготвување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, Роберт Алаѓозовски.
Ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети во својство на домаќин истакна дека е чест што концептот за едно општество и интеркултурализам, како висок приоритет на Владата се презентира и во УЈИЕ, како автентична тема што е карактеристична и за самиот Универзитет.
„Целта на оваа Стратегијата се совпаѓа со мисијата на УЈИЕ во делот на создавање на универзални вредности и едно општество кадешто секој еден поединец се третира еднакво на сите нивоа, почнувајќи од највисоките инстанци на институциите па се до секојдневното функционирање“, нагласи ректорот Беџети и додаде дека преку организирање и спроведување на интегрирано образование можат да се надминат поделбите кои со децении беа стимулирани и нагласени во нашето општество.
Пратеникот Земон, кој е вклучен во подготовката на Стратегијата уште од почетокот, се осврна на толеранцијата, културниот плурализам и дијалогот меѓу заедниците како основа за имплементирање на законските решенија, почитување на заедничките вредности и надминување на национализмот, како и за потребата од подигање на свеста, изнаоѓање на емпириски податоци и механизми за искоренување на говорот на омраза.
Проректорката за истражување и меѓународни односи на УЈИЕ, Беса Арифи подвлече дека интеркултуралноста и инклузивноста се скапи механизми кои бараат серозна инвестиција и дека концептот на едно општеството за сите, не подразбира само промовирање на општа еднаквост и толеранција, туку и преземање конкретни чекори во случај кога овие вредности се прекршуваат.
„Позитивно е што Владата сака да ја спроведе Националната стратегија за едно општество за сите, меѓутоа треба да се има предвид дека тоа бара сериозна и долгорочна инвестиција. Развојот на вистински демократски и мултикултурни вредности е скап, а државите не се секогаш подготвени да ја платат таа цена.
Воодушевена сум што Стратегијата предвидува конкретни чекори поврзани со забраната и казнувањето на говор на омраза и злосторства од омраза“, рече професорката Беса и истакна дека една од клучните точки со која Република Северна Македонија беше поздравена во најновиот Извештај на Европската Комисија беше токму измената и дополнувањето на Кривичниот законик во врска со злосторствата од омраза.
Претставување на нацрт-текстот на Стратегијата направи претседателот на координативното тело за изготвување на националната стратегија и национален координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка, Роберт Алаѓозовски.
Во дискусија се вклучија и претставниците на академската заедница, професори кои ја поздравија владината иницијатива за креирање на ваква Стратегија и посакаа нејзино успешно спроведување, ставајќи ја во фокус потребата за создавање на функционални институции и градењето на правичен и транспарентен правен систем кој е еднаков за сите. Тие подвлекоа дека академијата може да има поголем удел во Стратегијата, преку трудови и тематски конференции кои ќе придонесат за нејзино поквалитетно имплементирање.