Павловска - Данева: 5-тиот круг на евалуација на ГРЕКО се однесува на спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот, а воведот се однесува на периодот 2013-2016 година

Претставничката на Република Северна Македонија во ГРЕКО (Група држави против корупција), проф. д-р Ана Павловска Данева денеска одржа брифинг со претставниците на медиумите во однос на Петтиот круг на оценка на ГРЕКО на тема „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“.

По завршување на средбата со новинарите, проф. д-р Павловска Данева даде и изјава за медиумите. Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме текстот од нејзината изјава.

„Би сакала да истакнам дека 5-тиот евалуционен круг на ГРЕКО содржи извештај со 23 препораки за нашата држава. Тема на 5-тиот евалуционен круг и тема на сите 23 препораки се највисоките носители на извршна власт и полицијата и МВР. Со други зборови, Премиер, министри, ДКСК и МВР се тема на евалуација на 5-тиот круг на ГРЕКО.

Изминативе денови видовме неколку разни информации и искажувања од пошироката, стручната јавност. Делумно навистина е така. Но, јас би сакала само да потенцирам дека извештајот содржи, секој извештај на ГРЕКО содржи еден краток вовед во првите страници, каде што се објаснува историјатот, бекграундот, претходната поставеност на правниот систем, на политичкиот систем на државата.

Со оглед на тоа што многу изјави имаше околу работењето или неработењето на СЈО или на Јавното обвинителство, околу слободата или не слободата на медиумите, околу партизацијата или непартизацијата на администрацијата, многу ми е важно да потенцирам дека тие теми се дел од нив, се теми на 4-тиот круг на ГРЕКО, којшто беше спроведен од 2013-та до 2016-та година, а сега зборува ГРЕКО и истражува и испитува состојби за корупција и интегритет во министерствата, МВР посебно и кабинетот на Претседателот на Владата. Така што сите изјави околу претходните прашања се само еден вовед за државата, а главната тема се корупцијата и интегритетот во највисоките носители на извршна власт.

Препораките на ГРЕКО накратко се сведуваат на тоа дека Владата треба да донесе нов етички кодекс или пак да го измени постоечкиот етички кодекс за министри и за други избрани и именувани лица од Владата, кадешто Владата ќе предвиди санкции за министрите и за сите именувани лица кои нема да го почитуваат тој етички кодекс.

Истото се однесува и на полициските службеници. ГРЕКО бара да се промени, да се ревидира, или да се донесе потполно нов етички кодекс за полициски службеници.

ГРЕКО инсистира на чести обуки, што ќе треба ДКСК да ги спроведува, како за министрите така и за полициските службеници за тоа што значи етичко однесување, што значи интегритет, што значи и како да се спречи конфликт на интереси.

ГРЕКО исто така, бара да се воведат критериуми, професионални, за избор и разрешување на директор на Бирото за јавна безбедност. Што ќе значи дека, покрај ваков вид на подзаконски акти, како што се етичките кодекси и други програмски определби, или силабуси за тренинзи и обуки, Владата на Република Северна Македонија ќе мора да подготви и измени за законот за полиција и законот за внатрешни работи, а Собранието овие закони да ги усвои и да ги донесе.

Рокот кој ни е даден од страна на ГРЕКО за исполнување на овие препораки е 18 месеци. Односно до 30-ти септември следната година, ќе треба да поднесеме извештај што од сето тоа препорачано сме успеале да оствариме“.