Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во попладневниот дел од собраниската дебата по Предлогот за избор на членови на Владата, преку реплика најави ново покачување на минималната плата и раст и на другите плати, соопшти за активности на Владата во обезбедувањето пласмани на земјоделските производи и порача дека реконструкцијата на Владата се прави за видливите владини резултати, на половина од мандатот, да бидат уште поголеми, и во интерес на сите граѓани.
„Просечните плати во нашата земја, на ниво на приватен сектор растат и продолжуваат да растат. 6.6 проценти се зголемени и ќе бидат дополнително зголемени заради тоа што работиме како Влада, со комплетен фокус за пораст на платите.
Ќе се покачи уште еднаш минималната плата, којашто секако ја отвора спиралата на покачување на платите и тие ќе растат“, рече премиерот Заев во врска со очекуваното ново покачување на платите.
Тој соопшти и за мерките што се преземаат за земјоделството да има развојна компонента, преку покаченото и навремено субвенционирање на земјоделците и обезбедувањето пласман од страна на Владата, како сегашниот случај со праската во Росоман.
„Пласманот на земјоделските производи за овие две години е неколку кратно подобрен во споредба со минатото. Тоа предизвика 13.4 проценти раст на севкупното земјоделско производство во државата, во споредба со лани. А лани беше за 8 проценти поголем растот во споредба со 2017 година. Расте земјоделското производство.
Обемот се дефинира и во вредност, финансиска и парична, којашто значи дека постигнала и просечно повисоки цени. И градинарското производство, и житото, заради навременото откупување и менаџирање со пазарот, преку стоковите резерви се постигаат повисоки цени. Тутунот 217 денари просечна цена постигна, дополнително првата класа има 80 денари субвенција, втората класа има 70 денари субвенција, генерално сите земјоделски производи во просек постигаат подобри цени.
И кога се јавуваат дисторзиите, ние сме тука да интервенираме, и интервенираме. И откупот на праската во Росоман во моментот е интервенција на Владата, преку изнајдени купувачи за бај пасирање на одредени слабости, преку анализите што се прават на нашите овошни производи, во Руската Федерација. Но сепак се пробиваме на пазарот и обезбедуваме пласман, кога се јавуваат вакви дисторзии на пазарот.
Да не зборувам за винското грозје сето тоа што го направивме и за сите други производи.
Состојбите во државата и тоа како се подобрени во споредба со минатото. Сега субвенциите имаат вистинска политика. Тие стигаат на време, тогаш кога им требаат на земјоделците и стигаат кај индивидуалните земјоделски производители, од обем од 140 милиони евра, колку што се во Програмата за субвенции, 1 милијарда и 800-тини милиони денари. Или, 30 милиони евра повеќе пари кај индивидуалните земјоделски производители, заради тоа што алиментиравме до 300 илјади евра кај правните субјекти. Тие пари сите се канализирани кај индивидуалните земјоделски производители. И се драгоцена помош, имаат развојна компонента, им даваат шанса“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев оцени дека „успесите на Владата се видливи, но сакаме поголеми успеси“.
„Драгоцен период е пред нас. Преку оваа реконструкција, после половина од мандат, две години имаме навршено, влегуваме за да покажеме уште поголеми резултати од коишто бенефит ќе видат и земјоделци, и работници, и стечајни работници, и сите во нашата држава“, рече премиерот Заев на седницата во Собранието на Република Северна Македонија, каде што се води расправа по Предлогот за избор на членови во Владата на Република Северна Македонија.