Владата апелира да се штеди електрична енергија
Владата прогласи електроенергетска кризна состојба во државата, со препораки за штедење, но засега нема рестрикции и најава за зголемување на цената на струјата, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања и министерот за економија, Владимир Пешевски и Ваљон Сарачини со раководството на ЕЛЕМ и МЕПСО.
- Одлуката за кризната состојба е заради појава на сериозно нарушување на функциопнирањето на електроенергетскиот систем и неможноста за негова функционална одржливост, недостаток на електрична енергија во системот проследен со неможност за увоз, екстремно ниски коти на акумулациите заради континуирано неповолните хидромеоролошки услови, како и екстремно зголемување на потрошувачката на електричната енергија поради екстремно ниските температури во континуитет, ја појасни Пешевски одлуката што ја донесе Владата на синоќешната седница, кога воедно одлучи до 29 овој месец да го ограничи извозoт на струја прозведена во државава.
Според Пешевски, сигурно ќе се настојува домаќинствата да бидат заштитени и кај нив нема да се дозволат рестрикции. Предупреди дека може да се случи да има големи испади на електроенергетските водови за чие санирање ќе треба време, но, како што истакна, тоа не треба да се сфати како рестрикција.
Пешевски и Сарачини апелираа до граѓаните да ги преземат сите мерки за намалување на потрошувачката на електричната енергија.
- Нема простор за паника и загриженост за сериозно нарушување на електроенергетскиот систем, но сите граѓани, домаќинствата и компаниите треба да имаат одговорност, укажа Пешевски.
Дополнителните мерки за штедење што ги утврдила Владата, информира Сарачини, опфаќаат исклучување на сите светлечки реклами, сведување на минимум на осветлувањето на улиците, плоштадите и другите објекти, како и забрана за употреба на струја за дополнително загревање.
Според генералниот директор на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски, има сериозен недостиг на електрична енергија, но се додека има можност за штедење не се размислува за зголемување на цената на струјата. Во случај на потреба ќе биде ангажирана и ТЕЦ „Неготино“, за што се во тек подготвителни активности. ТЕЦ Неготино, укажа Чингоски, со својата сила од 210 мегавати може значително да придонесе за смирување на негативните енергетски текови, а со нејзин целосен ангажман ќе нема проблеми во снабдувањето на тарифните потрошувачи.
Пуштањето на ТЕЦ Неготино е можно поради веројатноста да нема понуди на тендерот за увоз на струја со оглед на енергетската криза и забраните за извоз во државите од соседството од кои Македонија најмногу увезува електрична енергија. Моментно, тврди Чингоски, има доволно количина мазут за ТЕЦ Неготино да може да работи со половина сила во следните пет дена. Исто така, се прават напори дополнителните количини кои се веќе резервирани од страна на добавувачите, да се испорачаат до ТЕЦ Неготино и доколку има потреба за поголем ангажман на термоелектраната ако треба да се вклучи со цела сила, тогаш би требало да се вклучат и државните резерви кои се на ниво од некаде 19 тони. Тоа значи дека можеме да бидеме безбедни дали ќе имаме доволно мазут за работата на ТЕЦ Неготино не само овие 14 дена, туку и за потребната енергија за цел месец, рече Чингоски.
Вицепремиерот Пешески додаде дека веќе се извршени подготвителни активности за ставање во погон на ТЕЦ Неготино која веќе е во состојба на топла резерва. - Тоа значи дека во рок не подолг од 24 часа може да биде приклучен на мрежа од моментот кога ќе добие налог за тоа, така што и во таа насока се што беше потребно е преземено, нагласи вицепремиерот за економски прашања.
Чингоски информира дека домашните компании во последните два месеци се соочуваат со сериозен проблем за обебзедување електриочна енергија за тарифните потрошувачи. Зголемената побарувачка на струја само за јануари е околу 7,71 процент од просечната потрошувачка на енергија која ја имала Македонија од 2006 до 2011 за истиот период во годината. Во првите 12 дена од месецов потрошувачката на струја за тарифните потрошувачи, вклучувајќи ги и загубите е зголемена за 13,3 проценти. ЕЛЕМ заедно со МЕПСО моментно увезува над 500 мегавати електрична енергија.
- Станува збор за сериозен недостаток на електрична енергија, но се одлучивме на мерка која пред се е насочена кон штедење и се додека има можност за штедење не размислуваме за зголемување на цената на струјата. Доколку калкулациите покажат дека е потребна промеа или корекција тука сме да разговараме со регулаторот и ќе ги утврдиме потребите за таква активност, информира Чингоски.