Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев од 4 до 5 јули ќе предводи владина делегација на годишниот Самит за Западен Балкан, кој оваа година се одржува во Познањ, Република Полска, земја која во изминатите 12 месеци беше претседавач со Берлинскиот процес во чии рамки се одржува самитот.
На Самитот за Западен Балкан во Познањ, на заедничка прес-конференција на премиерот Заев со премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, и со претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов, кој ќе се одржи во петок во 15 часот, ќе биде објавено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци. Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје.
Од почетокот на оваа иницијатива, за првпат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан.
Програмата за шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан ќе се одржи на 5 јули, во петок, кога премиерот на Република Полска Матеуш Моравјецки ќе ги пречека шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан, како и канцеларката Ангела Меркел и членовите на владината делегација на СР Германија која е покровител на иницијативата Берлински процес и има за цел да го помогне зајакнувањето на капацитетите на земјите од регионот во нивните евроинтеграциски процеси.
На централната пленарна сесија на самитот, гостите од регионот ќе ги поздрави и Претседателот на Република Полска Анджеј Дуда.
Премиерот Заев ќе учествува во сите работни сесии на Самитот и ќе има свои обраќања на работниот ручек, како и на пленарната сесија.
Министерскиот формат на Самитот за Западен Балкан започнува на 4 јули, четврток, кога во тематските сесии со свој придонес ќе учествуваат заменик претседателот на Владата на РСМ задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, заменик претседателот на Владата на РСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик претседателот во Владата на РСМ за европски прашања Бујар Османи.
Агендата на Самитот на Берлински процес во Познањ е заснована на политичката и економската димензија. Главни области на соработка се транспортното и енергетското поврзување на Регионот, економската интеграција, бизнис секторот, соработката меѓу младите, третманот на билатералните и други отворени политички прашања од минатото на Регионот, но и глобални безбедносни и миграциски предизвици.
Овој дел од Самитот се очекува да биде затворен со церемонијата на потпишување на договорите меѓу земјите од Западен Балкан со Европската Комисија и со европските финансиски институции за поддршка на економските и инфраструктурните проекти кои се очекува да бидат одобрени за време на годишниот собир на земјите од регионот вклучени во Берлинскиот процес.
На оваа церемонија ќе ѝ претходи бизнис форумот кој оваа година е посветен на дигитализацијата на јавниот и приватниот сектор на Западен Балкан и на енергетскиот пазар во земјите во транзиција.
Берлинскиот процес претставува платформа за европски дијалог и соработка, која дава поддршка на политиката на проширување на ЕУ. Секоја година на годишните Самити за регионот придонес во таа насока дава и Форумот на граѓански организации организациите од Западен Балкан и од Европската Унија.