Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, одржа прес-конференција во врска со објавени разговори со руски „пренкери“, информирајќи дека во еден дел на објавените телефонски разговори се извршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен, поради што се извлекуваат невистинити заклучоци.
Интегралниот текст на обраќањето на премиерот Заев Ви го пренесуваме во целост:
„Во интерес на вниманието на јавноста за тема која од утринава е од особен интерес и во интерес на целосната вистина, должен сум да соопштам дека, за жал, и јас станав еден од оние што во изминатите неколку години се измамени од добро организирана структура.
Тоа се структури што извлекуваат придобивки од новите облици, алатки и тактики за медиумска дискредитација и медиумско влијание, најчесто насочени против личности и земји со евро-атлантски аспирации.
Ова е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот за нашето членство во НАТО.
Тоа се добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни. Тоа не е тешко да се процени дека е така, кога е сосема очигледно и јасно дека манипулациите по правило извираат и доаѓаат од пропагандни медиуми со изразени анти-НАТО ориентации, а во нашата земја први ги пренесуваат медиумски канали што секојдневно шират лаги, анти-НАТО пропаганда и дезинформации.
Во овој случајов, мета на една таква политичка дискредитација сум јас. Но, не сум единствен.
На ист начин истите измамници, во април годинава успеале да изнудат измамнички телефонски разговори и со францускиот претседател Емануел Макрон, кој мислел дека разговара со новиот украински претседател Владимир Зеленски.
Во мај 2018 година, измамниците разговарале со поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, претставувајќи се како ерменскиот премиер Никол Пашијан. Тие успеале да дојдат и до Елтон Џон.
Во 2017, жртви биле поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а во 2016 измамнички настап имале кон турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Листата покажува дека сум во добро друштво. Секако, покрај споменатите има уште многу претседатели на држави и други јавни личности, како што е Кличко, гувернерот на Калифорнија, претседателот Јункер, Лукашенко, Ник Хејли, Ѓукановиќ и многу други.
Почитувани медиуми,
Во еден дел на објавените телефонски разговори се извршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен, поради што се извлекуваат невистинити заклучоци.
Таков е објавениот дел за прашањето на Македонската православна црква. Тоа е дел од разговорите во кој е направена интервенција. Таму јас единствено зборувам за мојата определба МПЦ да добие автокефалност. Исто така, никогаш не бил спорен, ниту скриен мојот став со давање на конкретен придонес и поддршка на МПЦ дома и во странство.
Останатите делови од објавените разговори само ги потврдуваат ставовите, кои јас ги застапувам во јавноста постојано кога се во прашање интересите на нашата држава. Овие разговори ја покажуваат мојата постојана заложба и посветеност на стратешките определби на нашата земја:
Го повторувам ставот кој се однесува на незаконските активности на странски агенти, како што е поддршката за Велика Британија, и нашата мерка за прогласување на персона нон-грата на еден службеник на една Амбасада во Скопје.
Во разговорите се слуша мојот став против промена на границите и размена на население во заштита на мирот на Балканот, и против опасноста од нови војни на Балканот.
Разговорот ја покажува мојата верба во тоа дека Договорот со Грција ќе успее, за да се реши тридецениски спор.
Во тој разговор ги повторувам вредностите на Договорот за загарантираниот македонски идентитет, македонски јазик и терминот Македонци, како наш идентитет.
Зборувам за придобивките и од Договорот со Бугарија.
Велам дека нема докази дали Иванов е директно поддржан од Русија и Турција и дека ако Иванов покажува блискост со Русија, тој има право на сопствено мислење.
Потврдувам дека САД и потпретседателот Пенс ја поддржуваат Северна Македонија и дека референдумот е наша борба како граѓани за подобар живот во земјата.
Го пренесувам во разговорите мојот личен став дека ќе направам сѐ што треба за автокефалноста на Македонската православна црква и дека на таа тема сум имал разговори со претходниот грчки премиер Ципрас.
Пренесен е разговор, во кој велам дека лично ќе помагам да се најдат решенија за сите отворени прашања меѓу кои и прашањето помеѓу Белград и Приштина.
Почитувани претставници на медиумите,
Ова е нов аларм за нас и за целиот демократски свет, кој налага силна потреба за сеопфатна, организирана борба против лажни вести и манипулации.
Она што можам да го кажам е дека прифаќам, дека сум жртва на мојата отвореност и постојана достапност за сите. Јас сум на постојана отворена линија со сите наши стратешки партнери, како и со граѓаните. Тоа е така, само заради тоа што за мене секогаш врвен приоритет се интересите на државата и на граѓаните.
Сепак, овој случај потврдува дека ќе биде неопходно да се преиспитаат и да се применуваат сите протоколи за безбедна комуникација, иако овој случај укажува дека тие се постојано на удар и на инвентивноста на господарите на организираните напади против земјите членки на НАТО, и против земјите со евроатлантски аспирации.
Најавувам дека многу бргу, во наредниот период, Владата на РСМ ќе излезе со итен план за одлучна акција против оваа специјална акција за ширење дезинформации. План кој ќе биде усогласен со интересите на сите наши сојузници во НАТО, еден огромен дел во духот на севкупните реформски процеси, кои што и во моментот се случуваат во државата заради нашето идно полноправно членство во НАТО“.