Директорот на ДЗС, Џафероски на денешната прес-конференција ги повика сите граѓани да дадат свој активен придонес во кампањата за заштита од пожари и заеднички да укажеме од неопходноста за заштита на шумите и природните ресурси

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски, денеска одржа прес-конференција на која ја информираше јавноста за новата кампања на Дирекцијата за заштита од пожари.

„Согласно планот за работа на Дирекцијата за заштита и спасување, во период од 15-ти јули до 15-ти август 2019 година ќе се одвива кампања за заштита од пожари. Кампањата ќе се одвива на целата територија на Република Северна Македонија преку едуцирање на населението за намалување на заканите од пожари со помош на едукативен прирачник и постери со чекори за заштита во случај на шумски пожари“, рече директорот Џафероски.

Дел од активностите на кампањата вклучуваат делење на прирачници за намалување на заканите од пожари, поставување на едукативни постери на повеќе места низ Градот Скопје, на наплатни станици и на излетничките места, посочи директорот. Дополнително на 20-ти јули со почеток во 18 часот Дирекцијата за заштита и спасување ќе постави и штанд на „Summerland“ 2019 во Градскиот Парк.

„Целта на оваа кампања не е само да се делува превентивно, туку и едукативно, преку подигнување на свеста на населението за сите можни ризици што пожарите ги носат како катастрофа, бидејќи влегуваме во таканаречен критичен период во годината за појава на пожари на отворен простор“, соопшти Џафероски.

Во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство веќе се преземени превентивни мерки, од март, донесена е забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП Национални шуми, посочи директорот. Забраната ќе трае до нејзино отповикување.

„Намалувањето на заканите од пожари е само најава за низата кампањи кои ќе се водат под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“, а ќе вклучуваат кампања за намалување на последиците од поплави, земјотреси и други катастрофи предизвикани од природата и човекот. Една од поважните проекти на кој работи тимот на експерти при Дирекцијата за заштита и спасување е изготвување на семејниот прирачник кој ќе биде промовиран на есен“, рече директорот Џафероски.

Џафероски исто така упати апел и до медиумската јавност да даде придонес во оваа кампања, со цел подобро да се заштитат шумите и природните ресурси.