Премиерот Груевски се сретна со претставници на македонската заедница во Берлин
Премиерот Никола Груевски во македонска Амбасада во Германија се сретна со иселениците кои живеат и работат во Берлин.
На средбата на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски беа разменети мислења за реализација на заедничките цели и интереси.
Премиерот ја истакна стратешката определба на македонската Влада за континуирана поддршка на дијаспората во насока на задоволување на потребите на секое поле. Се дискутираше и за можностите за соработка помеѓу субјекти од Македонија и од Германија кои би биле реализирани со помош на дијаспората.
Министерот Попоски како исклучително значајни ги оцени средбите со македонската дијаспора во Германија, каде живеат и работат голем број Македонци.
- Средбите со иселениците се исклучително значајни за нас. Тие ќе ни помогнат да ги зголемиме врските и релациите кои ги имаме со нашите претставници надвор од татковината. Се надевам дека ќе ја зголемат и видливоста на активностите кои Република Македонија ги презема во правец на НАТО и ЕУ интеграциите, изјави министерот Попоски по средбата со иселениците во Берлин.