Премиерот Заев и В.Д. помошник државен секретар на САД, Филип Т. Рикер: Да се заземе конструктивна улога и опозицијата да учествува во донесувањето на предлог законот за јавно обвинителство во пресрет на најавите на ЕУ за одлука за старт на преговорите

За да не бидат доведени во ризик перспективите на Република Северна Македонија и на нејзините граѓаните, сега е момент уште еднаш да се заземе конструктивна улога и опозицијата да учествува во донесувањето на предлог законот за јавно обвинителство за да се придвижат работите во пресрет на најавите на ЕУ за одлука за старт на преговорите, е пораката од заедничката прес-конференција на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и В.Д. помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Т. Рикер,

На прес-конференцијата, на која и претходеше работна средба во Владата на РСМ, на која присуствуваа и заменик претседателот на Владата на РСМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и министерката за правда Рената Дескоска, премиерот Заев истакна дека на средбата со амбасадорот Рикер е потврден заедничкиот интерес за натамошно интензивирање на билатералната политичка и економска соработка, на темелите на Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и САД, и за реализацијата на заеднички споделуваните вредности и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот.

„Како партнери ги делиме и заеднички ги креираме активностите во борбата против тероризмот и другите закани за мирот и сигурноста во светот. Заеднички се радуваме и на успесите на двете земји, како и на перспективите што се отвораат со скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО. Досега 21 земја го ратификуваа протоколот за пристапување во НАТО. Соединетите Американски Држави го отпочнаа овој процес и во нивниот Сенат и очекуваме дека во септември или октомври, оваа постапка да биде завршена“, истакна на прес-конференцијата премиерот Заев, и додаде дека за нашата земја е од исклучителен поттик поддршката на САД во нашите аспирации за членство во ЕУ.

Претседателот на Владата на РСМ Заев нагласи дека земјата е целосно посветена на реформската агенда на ЕУ и достави конкретни резултати во 4 области, како што беше побарано од заклучоците на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во соработка со опозицијата.

„Отворени сме, и тоа постојано го повторуваме, и за последниот заеднички исчекор со опозицијата во усвојувањето на предлог законот за јавно обвинителство за да ѝ покажеме на меѓународната заедница дека сме единствени кога станува збор за нашите стратешки интереси. Сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната одлука за старт на преговорите. Никој не сака нови разочарување и изневерени ветувања. Ниту во ЕУ, ниту дома, ниту во регионот. Сите го очекуваат признанието за исполнетите демократски реформи, за најдобро можните решенија за прашањата со соседите, и за определбата на нашата земја да биде дел од Западниот демократски свет. Тоа е нашиот пат, тоа е добриот пат“, рече премиерот Заев на заедничката конференција за медиумите со амбасадорот Филип Т. Рикер, вршител на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија.

Амбасадорот Рикер од своја страна информираше за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, и додаде дека наскоро и Сенатот ќе ја прифати оваа ратификација на пленарна седница и дека тоа доаѓа како признание за сите остварувања на земјата во последните две години.

Вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија Рикер потенцираше дека САД ги поттикнуваат земјите членки на ЕУ да ги отворат преговорите со Северна Македонија оваа есен, и дека во таа насока ќе биде добредојдено усвојувањето на законот за јавното обвинителство со поддршка на опозицијата со парламентот како уште еден придонес за правната држава и владеењето на правото.


Обраќањето на Претседателот на Владата на РСМ Заев ви го пренесуваме во целост:

Туку што заврши уште една средба со амбасадорот Рикер, вршител на должност помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави за европа и евроазија прашања, и голем пријател на нашата земја.

На средбата го потврдиме заедничкиот интерес за натамошно интензивирање на билатералната политичка и економска соработка, на темелите на Декларацијата за стратешко партнерство.

Декларацијата ги поврза Северна Македонија и САД, и во реализацијата на заеднички споделуваните вредности и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот.

Како партнери ги делиме и заеднички ги креираме активностите во борбата против тероризмот и другите закани за мирот и сигурноста во светот.

Заеднички се радуваме и на успесите на двете земји, како и на перспективите што се отвораат со скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО.

Досега 21 земја го ратификуваа протоколот за пристапување во НАТО. Соединетите Американски Држави го отпочнаа овој процес и во нивниот Сенат и очекуваме дека во септември или октомври, оваа постапка да биде завршена.

За нашата земја е од исклучителен поттик поддршката на САД во нашите аспирации за членство во ЕУ.  

Ние сме целосно посветени на реформската агенда на ЕУ и доставивме конкретни резултати во 4 области, како што беше побарано од заклучоците на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во соработка со опозицијата. 
Отворени сме, и тоа постојано го повторуваме, и за последниот заеднички исчекор со опозицијата во усвојувањето на предлог законот за јавно обвинителство за да ѝ покажеме на меѓународната заедница дека сме единствени кога станува збор за нашите стратешки интереси.

Сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната одлука за старт на преговорите.

Никој не сака нови разочарување и изневерени ветувања. Ниту во ЕУ, ниту дома, ниту во регионот.

Никој не сака да се отвори шанса за зголемено влијание недобронамерни трети страни во земјата и во регионот.

Сите го очекуваат признанието за исполнетите демократски реформи, за најдобро можните решенија за прашањата со соседите, и за определбата на нашата земја да биде дел од Западниот демократски свет.

Тоа е нашиот пат, тоа е добриот пат.

САД се скогаш овде за да ја разговараме за зголемување на соработката и да ја поддржат нашата земја да биде дел од западниот демократски свет.