Дирекцијата за заштита и спасување, согласно најавите на УХМР, ги информира граѓаните дека под влијание на многу топла воздушна маса во наредните денови ќе има пораст на температурите на воздухот. Особено топло ќе биде од четврток до средината на наредната недела, кога ќе биде активирана жолта фаза за високи температури, а во некои региони и портокалова фаза.
Дирекцијата за заштита и спасување покрај основните препораки за однесување во вакви услови, согласно Законот за заштита и спасување, презема и мерки и активности за превентивно делување за заштита од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор.
Воедно, ДЗС апелира до локалната самоуправа, до граѓаните и до посетителите на Република Северна Македонија, да внимаваат кога се на отворено и:
- да не фрлаат цигари и догорчиња;
- да не фрлаат стаклен отпад и стаклени шишиња;
- да не палат оган и скара на отворен простор и шума;
- да не дозволуваат децата да си играат со запалки, пламен и жар;
- да не палат отпад и друг горлив материјал;
- да не палат стрништа и меѓи.
Имајте на ум дека почетниот пожар може да се изгасне со една чаша вода.
Ако се забележи пожар веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, веќе се преземени превентивни мерки, од март донесена е забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП национални шуми. Забраната ќе трае сѐ до нејзиното отповикување.
ДЗС, со цел зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август, на територијата на целата земја, ја спроведува Кампањата за заштита од пожари под мотото Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени - Природата е наша одговорност.