По повод Меѓународниот ден на млади, се одржа настан организиран од страна на Агенција за млади и спорт во Јавна соба. На настанот присуствуваа голем број на млади и претставници на младински организации, како и претставници на организации кои работат во областа млади.
Модератор на настанот беше Илија Станковски од младинската организација ЛЕАД, кој го потенцираше значењето на овој ден, но и потребата од постојана и континуирана заложба за унапредување на положбата со младите во државата.
Првата панел дискусија на тема „Младински центри“ ја отвори директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски кој ги истакна заложбите на Агенцијата, Владата и останатите институции за креирање мерки и политики кои се од интерес на младите во државата. Тој во своето излагање најави отворање на 3 младински центри надвор од Скопје, како места во кои младите можат да се дружат, да се вклучат во активности поврзани со нивните различни потреби и интереси, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и слободно да се изразуваат. Сите трошоци за отворање и ставање во функција на центрите, ќе бидат на Агенцијата за млади и спорт.
Драган Атанасов од Сојуз за младинска работа, го образложи процесот кој е во тек и преку кој заеднички Агенцијата за млади и спорт, СМР и останатите организации коишто делуваат во таа област, работат со цел да се изнајде најдоброто решение за начинот на отворање на центрите и нивната функција. Тој истакна дека не е потребно да се измисли нешто ново, затоа што веќе имаме претходни искуства за центри кои функционирале, но она што е потребно е да се разгледаат сите можни решенија и да се одбере најдоброто, во партнерство со Агенција за млади и спорт, општините и младинските организации.
Ана Алибегова од Млади инфо, го сподели нивното досегашно искуство преку младинскиот центар во Железара, кој е активен веќе 7 години. Таа во своето обраќање издвои 3 препораки, односно успешни позитивни примери кои функционирале во нивниот центар и 3 митови за младинските центри кои треба да се земат во предвид низ целиот процес. Според нивното искуство, она на што треба да се фокусираме покрај обезбедување на просторот, е квалитетна програма и содржина на центарот, што е многу важно за да се задржи интересот на младите луѓе.
По завршување на воведните обраќање имаше простор за прашања од публика и дискусија, каде присутните млади пројавија интерес за отворањето на центрите, временската рамка на процесот, потенцијалните вработувања за млади, општините во кои ќе се отворат центрите и достапноста на секој млад човек до истите.
Потоа се премина на втората панел дискусија на тема: „Трансформативно и инклузивно образование“, која започна со воведно излагање на говорниците.
Наташа Анѓелеска од Фондацијата Отворено општество, говореше за нејзиното досегашно искуство во оваа област и напорите да се направи образованието поинклузивно и достапно за сите млади. За жал постојат рурални средини, кои се изолирани и на учениците не им се овозможени основни услови за следење на наставата.
Мартин Милошевски од Национален младински совет во своето обраќање ја опфати темата на трансформирање на образованието. Моменталната состојба нѐ потсетува дека сѐ уште се потребни значителни трансформации за да се направат образовните системи поинклузивни и достапни. Покрај промената на законската регулатива, се донесе новиот Закон за основно и Законот за високо образование, сепак потребна е практична реализација на предвидените законски промени.
По завршувањето на официјалниот дел од настанот, присутните имаа можност за неформална дружба во присуство на Александар Матовски / ДЈ Цако. Александар е прв студент со Даунов синдром во нашата држава. Преку бројни примери за неговата редовна вклученост во образовниот систем, социјалната интеграција, поддршката од институциите и околината, Александар покажува дека овие елементи се најважни во развојот на децата и младите луѓе.