Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска, се сретна со претставници на неколку национални Институти во земјава, со кои разговараше за унапредување на условите за остварување и напредок на научно-истражувачката работа.
Премиерот Заев на средбата со раководителите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за национална историја, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, сите од Скопје, како и Институтот за старословенска култура од Прилеп, ја истакна поддршката на Владата за унапредување на научно-истражувачката дејност како императив за афирмација на културните и национални вредности на државата.
Премиерот Заев и претставниците на националните институции ја потенцираа важноста на поддршката на институциите во сите витални сегменти, како што се подобрување на условите за научната работа и проектите, зголемување на високообразовниот кадар, како и нивна соработка, преку заедничка партиципација во реализација на значајни домашни и меѓународни проекти.