Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, синоќа се сретнаа со повеќе претставници на нашата дијаспора, кои живеат во Италија, Швајцарија, Германија, Белгија, Луксембург, Турција и Соединетите Американски Држави.
Поздравувајќи ги иселениците, премиерот Заев ги истакна политиките на Владата кои покрај економскиот напредок се насочени кон остварување на клучните стратешки цели, членството на земјата во НАТО и Европската Унија. Создаваме безбедна, сигурна и економски просперитетна држава, која има пријателски односи со сите соседи и поволни услови за инвестиции, додаде премиерот Заев.
„Минатата, 2018 година ја завршивме како година во која Северна Македонија, според „Извештајот за инвестициите во светот за 2019 година“ од Конференцијата на ОН за трговија и развој е прогласена за земја со најголем раст на директни странски инвестиции со остварени 737 милиони долари, односно 624 милиони евра, странски инвестиции”, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека напорите и политиките на Владата се да се подобрува поволната економска клима во државата и условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори и најави дополнителни позитивни одлуки, за поддршка на инвестициите од нашите сограѓани, кои живеат или привремено престојуваат во странство.
„Првата порака е инвестирајте. Очекуваме да расте просперитетот на државата, продолжуваме со реформите во сите области, особено во правосудството и ја зајакнуваме бескомпромисната борба со корупцијата”, истакна премиерот Заев, потенцирајќи дека во насока на зајакнувањето на врските со дијаспората е и донесениот Закон за поддршка на инвестициите, каде е предвидено дополнителни 10 проценти од финансиската поддршка за почетни инвестициски вложувања на деловни субјекти основани од државјани на Северна Македонија, кои имаат постојан или привремен престој надвор од земјата.
На средбата со конкретни примери на успешни инвестиции во Општината Македонска Каменица, за кои информираа самите повратници од странство, беа поздравени политиките на Владата кон дијаспората, кои овозможуваат поволни услови за инвестирање во родната земја.
Претставниците од дијаспората се интересираа за подетални информации за одделни услови и можности за инвестирање, како и за административни прашања и олеснувања, поврзани со поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој. Тие разговараа и за прашања поврзани со конзуларните и дипломатските претставништва во земјите каде работат, за надминување на непотребни административни бариери, како и за прашања поврзани со државјанството.
„Во изминатите две години, Владата воспостави мост меѓу државните институции и дијаспората, кој всушност е комуникација, споделување и решавање на проблемите во рамки на системот”, подвлече министерот Адеми, посебно истакнувајќи го и донесувањето на Националната Стратегија за соработка со дијаспората, како прв стратешки документ за ова прашање, од осамостојувањето на државата.
Средбата со претставниците на дијаспората од нашата земја и претставниците на Владата од минатата година веќе станува традиција. Покажан е голем интерес од припадниците на дијаспората за прашања кои ги поврзуваат со нивната татковина, а истовремено изразена е волја за зацврстување на таа соработка во иднина.