Делегација од Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во состав Драган Василевски, соработник за одбрана и Исмет Рамадани, соработник за подготовка, анализа и извештаи неопходни за остварување на стратешките приоритети и определби за членство во НАТО, присуствуваше на Централната прослава по повод Денот на Армијата - 18 Август која се одржа во Охрид, во Центарот за обука на вода.
Дел од одбележувањето на Денот на Армијата на Република Северна Македонија, беше и свечена пригодна програма, во чии рамки се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, како и и Радмила Шекеринска, заменичка на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана.
Министерката им се заблагодари на припадниците на Армијата, на војниците, подофицерите, офицерите за нивниот придонес кон безбедноста и суверенитетот на нашата држава, за нивниот придонес во процесот за приклучување кон Алијансата, за нивното учество во мировните мисии, помошта на граѓаните при елементарни непогоди.