Заев и Брнабиќ на Табановце-Прешево: Ги имплементираме најдобрите европски практики, заедничко управување со граничните и царинските контроли за побрза размена на информации, за олеснување на трговијата, драстично намалување на корупцијата и за зајакнувањ

Премиерите на Северна Македонија и на Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, и во присуство на министри во двете влади, како и на највисоки претставници на институциите за гранично и царинско управување на двете земји, денеска, на заеднички настан и како дел од официјалната посета на делегација на Владата на Република Србија, со пригодна свеченост го пуштија во употреба на концептот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце-Прешево.

 

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во своето обраќање потенцираше дека двете влади денеска исполнуваат уште една обврска од проектот за интеграција на Република Северна Македонија и Република Србија, како на регионално, така и на европско ниво. Со заедничкиот граничен премин Табановце-Прешево, рече премиерот Заев, кој меѓу другото предвидува и заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување - One-stop-shop, двете земји го даваат својот значаен придонес кон развивањето на Регионалната економска област на Западен Балкан, и - што е особено значајно - претставува уште една круна на пријателството и добрососедството помеѓу двете држави. 

Преку Табановце во 2018 година поминале околу 200 илјади транспортни средства, што претставува околу една четвртина од вкупниот промет на товарни возила во 2018 година. Се очекува овој број да биде зголемен за околу 30% и оваа година да биде околу 260 илјади камиони.

„Покрај целосното завршување на патната инфраструктура на двете страни од автопатот, изградбата и проширувањето на царинскиот терминал на овој граничен премин, ова претставува последна фаза во создавањето услови за поголема размена на стоки и полесно движење на граѓаните. Поголемата размена на стоки, значи размена на идеи, искуства, достигнувања и подобар живот за граѓаните. Со новиот One-stop-shop концепт ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни средства. Времето на минување на граница ќе се намали за повеќе од половина што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи меѓу двете држави, како и на бројот на транзитни туристи“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека на деловните луѓе за половина ќе им се скрати времето за царинските постапки, контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби, а предвидено е и меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, фитосанитарни и ветеринарни.

„One-stop-shop ќе ја намали можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцијалните документи кои ја следат стоката, ќе го зголеми нивото на доверба, соработка и размена на информации, со што ќе се олесни трговијата, ќе се намали можноста за корупција и ќе зајакне стабилноста и сигурноста во регионот. Убеден сум дека заедничките контроли на граничниот премин Табановце-Прешево ќе бидат пример за успешна и блиска соработка“, нагласи премиерот Заев и додаде дека проекциите и анализите укажуваат дека со One-stop-shop и со дигитализацијата на царинските услуги, превозниците и извозниците ќе имаат заштеда околу 8 милиони евра; извозот добива потенцијал да порасне за 4%; надворешно-трговската размена може да порасне за околу 5,5%, а бројот на туристи да се зголеми за 8%.

Премиерот Заев во своето обраќање им се заблагодари на Владата на Република Србија и на премиерката Брнабиќ и на Претседателот на Србија Вучиќ за исклучителната соработка на овој проект, со што уште еднаш се потврдува дека двете земји се лидери во регионот во реализацијата на проектот за Регионална економска соработка на земји од Западен Балкан кој ги промовира европските вредности и практики како придонес кон членството во Европската Унија, која, пак, од своја страна, го поддржа финансирањето на изградбата на царинскиот терминал, заедно со Светска Банка и Меѓународната финансиска корпорација.

Претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, во своето обраќање нагласи дека овој настан потврдува дека Србија гледа кон иднината на односите меѓу двете земји и дека ќе бидат отстранети сите бариери кои ќе го помогнат растот на економската активност и соработка за уште подобро поврзување на народите и економиите на Србија и Северна Македонија.

Премиерката Брнабиќ истакна дека двете држави ги разбраа проблемите и трошоците со кои се соочуваат стопанствата на двете земји од прекумерните админисративни процедури и дека отсега натаму фокусот ќе биде ставен на благостојбата на граѓаните и деловните луѓе со промовирање на партнерства за ефикасна соработка.

На свеченоста по повод пуштањето во употреба на концептот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце/Прешево, присуствуваа и Извршната директорка на Стопанската Комора на Македонија Билјана Пеева Ѓуриќ и претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж кои воспоставувањето на заедничко гранично управување на Табановце/Прешево го оценија како одличен чекор за олеснување на протокот на стоки за компаниите, кој ќе го олесн бизнисот со сведувањето на царинските мерки на минимум во регионот во согласност со меѓународните препораки и договори, и дека бизнис заедницата очекува воведувањето на One-stop-shop систем на граничните премини да стане пракса и со другите држави.