МОН ја објави ранг-листата на универзитети и високообразовни установи
Министерството за образование и наука денеска ја објави ранг-листата на сите универзитети и високообразовни установи. На првите пет места на оваа листа се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Универзитетот на ЈИЕ - Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот за информатички технологии и науки „Св. Апостол Павле“ од Охрид.
Листата ја изработи Центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џио Тонг Универзитет, водечка светска институција за рангирање на високообразовни институции согласно берлинските принципи и, како што објави на прес-конференција министерот за образование и наука Панче Кралев, се однесува за 2011 година. При изработувањето на листата се користени податоци од 2010 година. Од 6. до 19. место на оваа листа што ќе биде објавена на веб-страницата на МОН се приватните универзитети во земјава, но на 13. место и државниот Универзитет во Тетово. Последна на оваа листа, односно 19. е Бизнис академијата „Смилевски“.
Министерот Кралев на прес-конференцијата изјави дека ова е иницијално рангирање и оти следната листа ќе биде издадена во 2013 година.
Крајната цел, рече министерот, е некој од нашите универзитети да влезе во првите пет на листата од 500 најдобри универзитети во светот.