Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на продолжението на собраниската седница за избор на новите министри и заменици министри истакна дека сите извештаи за нашата земја во последните три години велат за владеењето на правото дека е подобрено.
„Треба сите заедно во парламентот да дадеме придонес да го заокружиме процесот на реформи на правосудниот систем. Но, голема е разликата во однос на транспарентноста на процесите, јавноста зборува, таа е коректив. Се отвораат постапки, постапките отвораат процеси, процесите се водат транспаретно, новинарите се во судница и ги следат бидејќи тоа е важно за граѓаните. Денеска нема распоредување на предмети според нечија желба и тоа ќе се елиминира со комлетирање на реформата на правосудството со новиот Закон за ЈО“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека правната сигурност овозможи рекордни странски и домашни директни инвестиции кои го зголемија приходот во Буџетот и ја зајакнаа неговата кондиција со што се отвораат и нови можности.
„Финансиската ликвидност одлична, финансиската солвентност исто така, затоа што, сега дефинитивно, не се трошат пари на непродуктивни работи како порано. Сите даноци се реализираат над предвиденото, односно се со над 15,6% повеќе од лани. Очекуваме и кај данокот на добивка да ги оствариме истите резултати откако ќе се реши прашањето на уплатата на данокот на Џонсон Мети и стечајната постапка на Те-То, по што се очекува приливот по овој основ во Буџетот“, прецизираше премиерот Заев и додаде дека правната држава, меѓу другото, овозможи раст на економијата која ќе продолжи да расте, а така ќе растат дополнително и приходите во државата.