„Ние постоиме за државата, за неа работиме. Ќе го исполниме целиот мандат и до крајот на 2020 година ќе и дадеме на економијата да оди напред, испланирано и бројките ќе бидат уште подобри. Опозицијата тоа го знае. Со датум за преговори за ЕУ, како земја членка на НАТО, и со добри економски параметри, вашите шанси се никакви за изборите. Нашите шанси се подобри зашто носевме одлуки без разлика на нашите политички кариери, додека некој се криеше и немаше храброст, во име на НАТО и ЕУ интеграциите да направи еден чекор за државата. Само заради сопствените политички калкулации“, истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија од собраниската говорница на седницата за избор на нови министри и заменици министри.
Премиерот Заев изрази убеденост дека со решени стратешки проблеми, со интегрирана земја, со економска 2019 и 2020 година, на следните избори за граѓаните ќе донесат одлука во полза на актуелните политики и влада.
„За да планира економијата, бизнисот, домаќинствата, редно е да исполниме целосен мандат. Зошто да одиме на избори на секои две години? Ние неколку пати претходно побаравме од опозицијата да одиме на избори. Дури понудив и заедничка влада за да ги донесеме оствариме побргу реформите. Опозицијата одби, не сакаше. Сега ако дозволиме предвремени избори ќе ве победиме, и повторно ќе бараат предвремени избори“, нагласи Претседателот на Владата на РСМ Заев.
Говорејќи за економските политики, премиерот Заев потсети дека сегашната опозиција, како претходна власт, остави долгови во висина од 840 милиони евра само заради непродуктивни трошоци.
„Одвоивме 50 милиони за општините зашто под режимска наредба работеа без покритие, само за да се одржи власта. Чесно помогнавме да се стабилизираат за да ги поттикнат развојот. Решивме дека после 27 години државата треба да ги тргне крупните државни проблеми за да може да одиме напред. Да, меѓу другото, за да може и економијата да тргне напред. Затоа што 2, 3, 4 проценти развој не е доволно. Треба да имаме поголемо темпо и динамика на развојот, а со такви проблеми со соседите какви што имавме, тоа не беше можно“, потенцираше премиерот Заев.
Тој додаде дека паралелно се подготвуваа проектите и паралелно се раздвижуваше економијата.
„Очекуваме на крајот на годината одличен резултат. Странските инвестиции во вториот квартал изнесуваат 119 милиони евра, со извоз од 111 милиони што не е наплатен, а ќе биде наплатен. Затоа странските инвестиции се бележат на крајот на годината. На крајот на минатата година изнесуваа 624 милиони евра, а оваа година ќе бидат и повеќе“, рече премиерот Заев и дополни дека економијата оди напред како што одеше во земјите кои беа во слична ситуација кога беа пред членство во ЕУ и НАТО.