Претседателот на Владата на Република Северна, Зоран Заев придружен од министерот за образование и наука, Арбер Адеми денеска се обрати на свеченоста по повод пуштање во употреба на новото ООУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев.
„Навистина ова е голем настан затоа што се работи за нашите деца, затоа сме денеска сите овде присутни со озарено лице да им посакаме и почеток на школската година, но и да се израдуваме на оваа прекрасна градба којашто е во душата на нашиот главен град, во Општина Центар, многу вреден за почитување.
Навистина и мене ми претставува посебна чест и радост што сум дел од овој настан, оваа убава свеченост по повод пуштањето во употреба на новото Општинско основно училиште „Киро Глигоров“, и што ми е дадена прилика во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија, да им посакам безгрижни училишни денови на сите ученици и успешна работа на сите вработени во ова училиште.
Ја користам оваа прилика и вака, јавно, да им честитам и да им посакам уште една, нова, училишна година, успешна да им биде, на сите ученици и наставници во нашата земја.
Новото основно училиште „Киро Глигоров“, ни дава повеќе причини да се радуваме на овој настан.
Ова е прво ново основно училиште во Општина Центар, како што беше кажано, после цели 50 години. Името на училиштето го избраа граѓаните на општината.
Со името на првиот претседател на нашата земја, Киро Глигоров, кој има достојно место во нашата понова историја, ова училиште донесе и постави нови стандарди. Светски, европски стандарди за тоа во какви услови треба да се остварува квалитетно образование како темел за иднината на децата. Не секое дете посебно. И како темел за создавање граѓани кои знаењето стекнато во најдобри услови, со посветени наставници, ќе го преобратат во сериозен придонес за развојот и благосостојбата на нашето општество.
Затоа денеска се радуваме зашто ги гледаме новите стандарди, зашто гледаме дека ОУ „Киро Глигоров“ е училиште за гордост, затоа што како најсовремен објект, како храм на знаење ќе им овозможи квалитетен образовен процес на првата, но и на сите генерации на ова училиште.
Ова училиште навистина е модел според кој ќе се градат сите идни училишта во нашата земја, модел според кој ќе се реконструираат сите веќе постоечки училишни објекти. Тоа е наша задача, тоа е задача заедно со нас и на градоначалниците на сите општини во нашата земја.
Секако тоа е наша обврска затоа што децата се нашата иднина и тие го заслужуваат најдоброто, заедно со нивните наставници и родители.
Убеден сум дека учениците, наставниците и родителите, секој ќе бидат радосни на секој нов ден во училиштето. Имаат сите заедно многу причини за тоа.
Основното општинско училиште „Киро Глигоров“, едноставно, како нивни втор дом, ги има сите најдобри погодности да биде место за престојување и учење. Место за среќно детство!
Вградени се, и јас ќе повторам, врвни архитектонски, енергетски, и еколошки аспекти за ваквите образовни институции, исполнет со современи иновативни содржини за учење и за престој.
Внатрешноста на училишната зграда е со модерно уредување и ентериер според светски стандарди за училници и простории во согласност со возраста на учениците. Посебна грижа е посветена на квалитетот на воздухот, за начинот на греење и осветлување, за одржување на хигиената, безбедноста и достапноста до новите технологии.
Училниците и кабинетите се опремени со прожектори и смарт-табли за интерактивно учење, со систем кој на наставниците им нуди широк спектар на алатки за поддршка во секојдневната настава.
За прв пат кај нас, во ова основно училиште е организирана Ботаничка градина, простор кој, освен што претставува место за учење при одгледување на ретка флора, ќе биде и место за социјализација и дружење на учениците. Во градината е поставена урбана опрема, клупи и осветлување, а низ целиот простор е поставено подно греење за зимските месеци.
На површина од 807 м2 антибактериски гумен под, на приземјето во ООУ „Киро Глигоров“ се протега спортската сала, изградена според стандардите на ФИБА – Меѓународната кошаркарска федерација. Со тоа, оваа сала, освен за својата примарна намена, одржување на часовите по физичко образование, ќе може да се користи и за одржување на ФИБА натпревари. Секако градоначалникот на Центар е поддржувач на кошарката.
Дополнително и за првпат во едно училиште во нашата земја, освен спортската сала, ќе функционира уште една помала, сала за гимнастика со површина од 112 м2.
Тука е и училишната трпезарија опремена според ХАСАП-системот за безбедност на храна за секојдневните потреби на учениците.
ООУ „Киро Глигоров“ е и инклузивно училиште. Во состав на училиштето е изграден Дневен центар за деца со церебрална парализа, комплетно прилагоден на потребите на корисниците.
Ова училиште е место за негување и почитување на различностите. На еднаквите можности за сите, вредности кон кои стреми нашето општество.
Почитувани,
Вложувањето во знаењето, во образованието, е најблагородната задача што едно модерно општество ја остварува. Тоа е вложување во најскапоцениот потенцијал на општеството - неговиот народ, неговите граѓани.
Во тоа име, и во име на Владата уште еднаш им посакувам безгрижни училишни денови на сите ученици и успешна работа на сите вработени во ова училиште.
Посебни честитки до градоначалникот Богдановиќ, кој заедно со неговиот претходник Андреј Жерновски, се посветија на реализацијата на овој капитален проект во интерес на граѓаните и на идните десетици генерации кои во ова училиште ќе ги поминуваат најубавите години од својот живот.
Секако, благодарност и до советниците од сегашниот состав, од претходниот состав, на нас како Влада ни беше чест да ви помогнеме и да асистираме.
Нека е со среќа и почетокот на учебната година и учењето во ова прекрасно, ново општинско училиште „Киро Глигоров“.
Благодарам.“