Министерството за трговија и индустрија на Косово денеска го извести Министерството за економија на Северна Македонија дека се укинати бариерите за извоз на мед и компир. Според договореното на состанокот меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала кој што се одржа пред две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово на крајот на минатата недела ги достави потребните документи дека е извршен активен и пасивен мониторинг на икри и подмладок, кои кои беа потребни за да може да ги увезува овие производи во Република Северна Македонија. Откако Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија изврши увид на терен и утврди дека се исполнети сите обврски од косовската страна, согласно законската регулатива Министерството за економија денеска донесе одлука Република Косово повторно да биде ставена на листата на земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок.
„Иако со задоцнување од една недела Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ја достави програмата за спроведување на активен и пасивен мониторинг за икри и подмладок на риби и согласно тоа Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија повторно го стави Косово на листата на држави од кои може да се увезува икри и подмладок. Со тоа Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја, со што целосно се отстрануваат пречките кои настанаа од двете страни, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Министерот потенцираше дека Северна Македонија нема да прави компромиси кога станува збор за стандардите кои треба да бидат исполнети согласно европската регулатива.
„Ние како Влада сме целосно посветени на исполнување на сите стандарди, а имајќи во предвид дека во октомври очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија, ние ги превземаме сите обврски и нема да отстапиме. Како Влада правиме се што е во наша можност да отвориме нови пазари, но истовремено и да ги заштитиме граѓаните со поголема контрола на состојбата на производите кои што се увезуваат во земјата“, потенцираше Бектеши.
Мерката за забрaна на увоз на икри и подмладок не беше превземена само за Република Косово туку и за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.