Вицепремиерот Анѓушев: Со ребалансот на буџетот, пренаменивме средства за капитални инвестиции во човечкиот потенцијал, Владата станува партнер на компаниите за зголемување на платите на вработените

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, одговорајќи на новинарски прашања за ребалансот на Буџетот посочи дека предложениот ребаланс е направен пред се во интерес на граѓаните.

„Ребалансот на Буџетот е направен со цел да средставата бидат најдобро искористени во интерес на граѓаните. Средствата кои се пренаменети, наместо во материјални капитални инвестиции ги насочивме во човечкиот потенцијал, кон граѓаните. Доколку ги прашате компаниите кој е најголемиот проблем на стопанството, тоа е обезбедување на работна сила, особено на инжинерски кадар и лица со технички струки“, нагласи Анѓушев.

 

 

Целта на новите мерки за економски развој, промовирани од премиерот Заев, за кои се одвоени средства со ребалансот на Буџетот, е да се обезбедат повисоки плати за вработените, да се обезбеди подобар живот за граѓаните и да се задржат младите да останат во земјата. Вицепремиерот додаде дека мерките се креирани под притисок на реалните економски случувања во земјата.

„Со новите мерки, сакаме Владата да стане партнер со компаниите, во зголемувањето на платите во нашата држава. Секој совесен стопанственик, а познавам многу такви, сакаат да ги задржат своите вработени и да ги мотивираат со повисоки плати. Сепак компаниите мора да бидат конкурентни и продуктивни, а за тоа им се потребни нови технологии, знаења како да се управува со тие технологии и работници кои ќе ги применуваат знаењата. Со Законот за финансиска поддршка им се овозможува државна поддршка на компаниите да инвестираат во модернизација на нивното производство, а со новите мерки инвестираме во човечкиот потенцијал, како граѓаните да имаат поубав живот и да ја гледаат иднината во Република Северна Македонија. Економија може да има и со машини и со хали, но економија без луѓе нема“, потенцира Анѓушев.

Зборувајќи во детали за новата мерка, вицепремиерот нагласи дека се очекуваат повеќе позитивни ефекти од нејзиното воведување, како што се раст на просечната плата, поголема мотивираност и квалитет на живот на работниците, повисоки приходи во фондот за здравство и фондот за социјално осигурување, намалување на сивата економија, како и зголемување на потрошувачката од граѓаните, што значи дополнителен прилив на средства во државниот буџет.

„Сите компании кои ќе покачат плата на вработените, во износ од 600 до 6000 денари, ќе добијат поддршка во форма на субвенционирање на здравствените и социјалните придонеси, за износот на покачувањето. Во државниот Буџет се планирани околу 40 милиони евра за оваа мерка, што значи доколку се реализира целиот износ, а знаеме дека придонесите изнесуваат 37,7% од бруто платата, вработените ќе добијат на име на плата дополнителни 100 милиони евра. Ќе се радуваме тие 100 милиони евра да завршат кај граѓаните, тие средства повторно би ги потрошиле за некои добра или услуги, а државата би добила повеќе средства на име на ДДВ, поради зголемен промет. Истовремено, овие 40 милион евра кои се планирани, нема да завршат на некои непознато место, ќе завршат во фондот за здравство и во фондот за социјалцно осигурување, што значи дека ќе имаме малку подобро здравство и подобри пензии“, подвлече Анѓушев.