Интензивирање на активностите за имплементација на препораките на УНЕСКО и заштита на Охридскиот регион

Денес, мешовита владина група предводена од министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, одржа работни средби со општините Охрид и Струга за спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

На средбите со градоначалниците Константин Георгиевски и Рамиз Мерко и општинските служби се разгледуваа работните верзии на Планот за управување со природно и културно наследство и Стратешка оценка на животната средина, два клучни процеси за долгорочна заштита на светското наследство. 

За време на средбите се дебатираше околу критичните зони, режимите на заштита, како и временската рамка за усогласување на Планот и негово финално усвојување.

Од страна на надворешните експерти кои ја изработуваат Стратешката оценка на животната средина беше порачано целите на Планот да бидат фокусирани кон контролирана урбанизација, зајакнување на управувачките капацитети на надлежните институции, заштита на природното и културното наследство, подигање на свеста и едукација, како и зголемена еколошка функционалност на крајбрежјето.

На работните средби, покрај општините присуствуваа претставници од министерствата за култура и животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство, Завод и музеј Охрид, и Национален Парк Галичица. Во наредниот период, експертите од животна средина и култура продолжуваат со изработка на нацрт План за управување, за кој претстои и процес на јавни консултации.