Стопанската комора одбележува 90 години од постоењето
За една држава да има здрава економија, покрај успешна влада треба да има и успешна бизнис-заедница, а Стопанската комора на Македонија го претставува токму тоа. Секогаш ги застапува реалните потреби на компаниите и значително влијае врз развојот на економијата и конкурентноста на стопанството, рече вицепремиерот Владимир Пешевски во денешното обраќање по повод одбележувањето на јубилејот - 90 години постоење на Стопанската комора на Македонија.
Владата, која останува силно посветена на подобрување на бизнис-климата и на зголемување на инвестициите, во Стопанската комора пронајде значаен партнер и продолжува активно да соработува со неа.
- Соработката со коморите се продлабочува и подобрува, дискусиите продолжуваат, а нивните субјекти, иницијативи и барања ги прифаќаме со најголем респект. Тоа го потврдува и фактот што во изминатиот период над 90 отсто од ставовите на стопанствениците ги инкорпориравме во владината програма и политиките, напомена Пешевски, додавајќи дека токму соработката и брзите реакции на бизнисите се еден од клучните фактори за амортизирање на последиците од економската криза.
Просечен годишен реален раст на БДП од 6 отсто, вредност на БДП од 13 милијарди евра, а по глава на жител 6.000 евра, просечен годишен раст на бруто инвестициите од 9 проценти со учество во БДП од 35 отсто, просечен годишен раст на извозот од 14 отсто со учество на БДП од 64 проценти, нови 100.000 работни места и стапка на вработеност од 46 отсто, современа железничка пруга до Солун, железничко поврзување со Бугарија и Албанија, модерен автопат до Гевгелија, Штип и Охрид, целосна гасификација на државата и намалена енергетска зависност за минимум 30 отсто, се проекциите на Стопанската комора за 2022 година.
- Ние, компаниите здружени во Стопанската комора, без ниту еден исклучок, од областа на енергетката, рударството, металургијата, банкарството, градежнитвото, текстилот, металопреработувачката и хемиската индустрија, сме подготвени за ваква Македонија, сме подготвени да ги зголемиме извозот и производството, нивото на инвестицискиот ризик и на корпоративната општествена одговорност. Денес јавно ја прокламираме нашата волја заедно со носителите на економската власт активно да партиципираме во остварувањето на оваа цел која ќе и донесе просперитет на Република Македонија, подвлече претседаелот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
Според него, компаниите создаваат 80 отсто од бруто додадената вредност во стопанството, 95 отсто од вкупниот извоз и 90 проценти од годишните даночни приходи.
Високиот гостин, претседателот на Асоцијацијата на европски комори за трговија и индустрија (ЕУРОЧЕМБЕРС) Аласандро Барберис, пред присутните околу 1.200 гости порача дека како водечки претставници на бизнисот македонските комори имаат повеќе од кога било легитимна и значајна одговорност да им помогнат на претпријатијата во нивното прилагодување кон променливите услови предвидени со евроинтеграцискиот процес.
- Бизнис-заедницата мора да ја зајакне својата улога во придвижувањето на Македонија кон ЕУ. Процесот на пристапување е долгогодишен проект каде што патувањето е исто толку битно како и крајната дестинација. Ако преговорите на крајот се во рацете на политичките лидери, тогаш нашата улога како бизнис-лидери на ова патување е од суштинско значење, рече Барберис.
Важно е, потенцира, македонската деловна заедница да ја стави својата тежина зад неопходните реформи кои остануваат главен двигател на процесот на пристапување и на тој начин да придонесе европскиот проект за Македонија да биде успешна приказна.
Стопанската комора на Македонија е формирана во 1922 година и денес брои околу 15.000 членки меѓу кои се и најголемите компании од земјата.
По повод одбележувањето на годинашниот јубилеј „Европа“ АД Скопје, Пивара „Скопје“ АД, „Благој Ѓорев“ АД - Велес и ЕЛЕМ добија награди за компании кои успешно работат од основањето на Комората до сега, за долгогодишна коморска активност беше награден генералниот директор на Скопска пивара Светозар Јаневски, а специјални признанија добија професор д-р Александар Николовски, како и новинарите Аелита Георгиева и Влатко Змејковски.