Вицепремиерот Анѓушев во посета на Руен Инокс и Пејпер Мил во Кочани – Владата се радува на успехот на компаниите, тие се основата на одржлив економски раст

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на активностите за презентација на измените и дополните на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата, ги посети компаниите Руен Инокс Аутомобиле и Пејпер Мил во Кочани, кои последните години бележат раст на приходите и на бројот на вработени.

 

 

Двете компании се лоцирани во индустриската зона во Кочани, преземени од сегашните сопственици во незавидна состојба, а во последните години реализираат нови инвестиции со кои се унапредува технолошкиот развој и се зголемува нивната продуктивност.

По разговорите со сопственикот на компанијата Руен Инокс Аутомобиле, Славе Јорданов и посетата на производствените капацитети, вицепремиерот Анѓушев изрази задоволство што само за неколку години од руинирана фабрика, оваа фабрика станала респективен и конкурентен производствен капацитет.

 

 

„Оваа компанија секоја година ги зголемува производствените капацитети. Станува збор за една домаќинска организација и поставување на производствен процес. Има простор за дополнително подобрување, особено во осовременување на технологијата и машинскиот парк, но мора да се признае дека многу е направено за кус период. Преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои Руен Инокс Аутомобиле веќе ги користи и има потпишано договор во 2018 година, се дава можност токму за поврат на инвестиции кои се направени за модернизирање и осовременување на производствениот процес. Владата ќе продолжи да ги спроведува мерките за поддршка на компаниите, за нивниот раст и развој, понатамошно зголемување на обемот на производство, затоа што само со развој на компаниите и реалниот сектор можен е побрз и одржлив раст на економијата во државата“, посочи Анѓушев.

Сопственикот на Руен Инокс Аутомобиле, Славе Јорданов, изрази големо задоволство од мерките во Законот за финансиска поддршка на инвестициите и посочи дека поддршката добиена за реализирани инвестиции во 2017 година, е единствена позначајна поддршка која компанијата ја добила од страна на државата досега, како и дека е задоволен од економските политики кои ги спроведува Владата во насока на унапредување на конкурентноста на македонските компании.

Вицепремиерот Анѓушев се сретна и со менаџментот на компанијата Пејпер Мил, на кои им ги претстави мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а особено се задржа на мерките за субвенционирање на повисоки плати.

„Инвестираме во човечкиот капитал, сметаме дека нема економија без квалитетен и мпотивиран кадар. Токму затоа со новите мерки ќе обезбедиме субвенционирање на сите оние компании кои ќе се охрабрат и ќе ги покачат платите на своите вработени. За покачување на платите од 600 до 6000 денари, компаниите ќе треба да го платат само данокот за личен доход, додека останатите давачки за задолжително социјално и здравствено осигурување ќе бидат покриени од страна на Владата. За тоа не треба посебни апликации, сето тоа ќе се прави со едноставни операции за време на уплата на примања на работниците преку клиентскиот софтвер МПИН на  Управата за јавни приходи“, нагласи Анѓушев. 

Компанијата Руен Инокс Аутомобиле се занимава со производство на делови за автомобили и нуди широк спектар на производи за европската камионска флота, а во моментот во компанијата работат над 200 лица. Пејпер Мил е дел од Unitrade Cluster, водечка компанија во регионот за рециклирање на хартија. Со своите активности во Северна Македонија започнаа во 2016 година, а во моментот имаат околу 100 вработени.