Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со претставници на новоформираниот Совет на амбасадори: претседателот Љупчо Арсовски, потпретседателот Мухамед Халили и членовите на Извршниот одбор, Тихомир Илиевски, Нано Ружин и Иљаз Сабриу.
На средбата се поздравени политиките на Владата коишто отворија пат за НАТО и за ЕУ интеграциите на нашата држава. Оценето е дека Владата го направи потребното да ја постави државата на правиот пат и дека успешните интеграции се вистинска можност за економски развој на земјата.
Заеднички е изразено очекување дека ќе бидат вреднувани постигнувањата на земјава на домашен и меѓународен план и дека Република Северна Македонија, како што заслужува, ќе добие позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври и датум за почеток на преговорите.
На средбата беше објаснета мисијата на независното, непрофитабилно здружение на амбасадори и поранешни министри за надворешни работи, Совет на амбасадори, кое, како што е речено, е основано со цел да помогне во креирањето и успешно имплементирање на надворешната регионална и меѓународна билатерална и мултилатерална политика и ЕУ и НАТО интеграциите, преку поддршка и предизвикување на институциите надлежни за надворешната политика, да носат праведни и квалитетни одлуки засновани врз база на сестрани и квалитетни анализи.
Членовите на Советот на амбасадори рекоа дека како луѓе со големо професионално и животно искуство, во коишто вложувала државата, сакаат да го возврат тоа знаење на својата земја.
Премиерот Заев изрази поддршка на иницијативата на членовите на Советот на амбасадори да помогнат на државата.
- „Секое искуство и сечија помош е добредојдена, а посебно кога доаѓа од искусни луѓе коишто ја претставувале својата земја. Владата и институциите во вас ќе гледаат партнери во носењето одлуки за доброто на граѓаните и на нашата држава“, рече премиерот Заев.
При тоа е изразена благодарност за изразената почит кон нив и нивната иницијатива.