Министерката за финансии, Нина Ангеловска, во рамки на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), синоќа во Њујорк беше промовирана како една од првите „Жени амбасадори на дигитална трговија“ во светот. Ова исклучително и уникатно признание ѝ го врачи Мукиза Китуи, Генерален Секретар на УНКТАД - телото на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој. Покрај Ангеловска, уште шест жени претприемачи од целиот свет ја добија оваа титула од УНКТАД.
„Неискористениот потенцијал на жените ширум светот претставува голема загуба за нашите економии. Синергијата на дигиталната технологија и трансформативната моќ на претприемачкиот дух кај жените, може да придонесе кон намалување на сиромаштијата во нискоразвиените земји и земјите во развој и забрзување на економскиот раст“, рече министерката Ангеловска.
Таа посочи дека признанието кое го добива претставува голема чест, но и голема одговорност за неа - да ги инспирира и охрабри жените да го искористат својот потенцијал, да бидат амбициозни, да преземат иницијатива, да ја искористат моќта на технологијата и да го направат светот подобро место за живеење.
„Потребен ни е потенцијалот на жените, знаењето, грижата, водството и технологијата, за да го направиме овој свет попаметен и подобар за сите“, додаде министерката Ангеловска.
Ангеловска е единствена претставничка од Европа која е прогласена за „Жена амбасадор на е-трговија“. Покрај неа, која ова признание го добива како соосновачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија, другите избрани „амбасадори на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико соосновачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.
Иницијативата преку која УНКТАД ги избра „Жените амбасадори на дигитална трговија“ - „Е-трговија за жени“ има за цел да го поттикне економскиот раст и да ја намали сиромаштијата во земјите во развој комбинирајќи ги придобивките од технологијата и претпримништвото кај жените. Преку нивното долгогодишно искуство во дигиталната трговија, седумте избрани глобални амбасадорки, треба да помогнат во спроведување на Целите за одржлив развој на ОН промовирајќи го користењето на технологија во служба на економскиот развој.