Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање на пленарната сесија на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
На почетокот тој се обрати на македонски јазик, и како што рече, за првпат откако нашата земја е членка на организацијата, говори како шеф на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија. Веднаш додаде дека тоа е резултат на Спогодбата од Преспа, со што се реши 27-годишната разлика со Грција за името на земјата како прашање што имаше сериозни негативни и регионални и мултилатерални импликации и ја оддалечи земјата од нејзиниот напредок во евро-атлантските интеграции.
„Денес имаме само придонеси од решената разлика. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан“, говореше на македонски јазик премиерот Заев на говорницата во ОН, и додаде дека Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ.
„Сакам овде да подвлечам дека сме благодарни на ОН за целата поддршка, што најмногу се виде преку 20-годишната посветена и неуморна работа на Метју Нимиц, Специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, кој работеше со нас на изнаоѓање на решението. Веруваме дека Спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот и дека е корисен пример за многу други отворени прашања“, потенцираше Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.
Во продолжението на своето обраќање пред претставниците на државите и народите од светот, премиерот Заев нагласи дека годинашното Генерално собрание повторно повикува на обединување на нациите во борбата за мир, демократија, човекови права, владеењето на правото и одржлив развој.
„Светот е на крстопат и затоа потребна ни е посилна Организација на Обединетите нации, која ќе застане зад сите и ќе испорача резултати за сите. И никого да не остави зад себе. Во свет обременет со несигурност потребен е меѓународен поредок заснован на правила, делотворен мултилатерализам“, порача премиерот Заев од говорницата на ОН во Њујорк.
Осврнувајќи се на една од централните теми на ова собрание – климатските промени, премиерот Заев потенцираше дека е неопходна реализацијата на заклучоците од Парискиот договор и да го препознаеме и прифатиме влијанието на климатските промени како закана за безбедноста и стабилноста во светот и разорните последици од овие промени врз човештвото.
„Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики“, рече Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.
Премиерот Заев нагласи дека спроведувањето на Агендата 2030 и Целите за одржлив развој се од централно значење за постигнување на вистинска промена и градење на одржлива иднина за сите, особено во елиминирањето на сиромаштијата, нееднаквоста, негативното влијание на климатските промени, и дека Владата на Северна Македонија целосно се залага за спроведување на Агендата 2030 што произлегува од националните стратешки документи и локалните планови.
Како земја активен партнер на меѓународните коалиции против тероризмот, рече премиерот Заев, Владата на Северна Македонија ќе продолжи да придонесува кон мултилатералните напори за борба против тероризмот, како и во справувањето со уште еден современ предизвик - масовните миграции.
„Веќе со години сме на првата линија на фронтот и имаме искуство од прва рака во однос на влијанието на миграциите. Кризата со миграциите исто така предупредува дека не може да работиме сами во изолација. Траењето на миграциската криза покажува дека не може да го стиснеме копчето за пауза. Треба да ги здружиме нашите напори и со стратешка визија, механизми за соработка и инцијативи треба да ги решиме причинителите за миграциската криза, да ги издвоиме позитивните аспекти од миграциските текови и кризата да ја претвориме во можност. Како и во изминатиот период, ние активно ќе соработуваме во овој процес“, подвлече на оваа тема премиерот Заев.
Тој истакна дека здружен, мултилатерален настап е неопходен и кога станува збор за лажните информации и дезинформациите, заедно со целно-насочените кампањи кои се закана и го поткопуваат глобалното демократско владеење, истовремено ставајќи ја на испит отпорноста на демократските општества во целиот свет.
Премиерот Заев во завршницата на своето обраќање нагласи дека унапредувањето и заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото остануваат темелни столбови на вредностите и дејствувањето на Обединетите нации, и дека широко распространетата неказнивост и отсуството на отчетност, нѐ потсетуваат дека сѐ уште има многу да се работи на ова поле и тоа на национално, регионално и глобално ниво.
„Република Северна Македонија и натаму цврсто го поддржува мултилатерализмот. Ќе продолжиме да работиме со сите засегнати страни во денешниов фрагментиран свет. Ова е наш заеднички свет. Заложбите кои ги преземаме на Генералното собрание на Обединетите нации се пренесуваат низ целиот свет. Сепак, нашето дејствување во сопствените земји е она што ја обезбедува заштитата на човековите права и добросостојбата секој поединец. Со нашите дела да ги оправдаме нашите заложби за подобар свет за сите нас“, потенцираше во своето обраќање Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев на пленарната сесија на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.