Делегација на Владата на Република Северна Македонија претставена од советниците на премиерот Зоран Заев, Исмет Рамадани, советник за подготовка, анализа и извештаи неопходни за остварување на стратешките приоритети и определби за членство во НАТО, и Драган Василевски советник за одбрана, присуствуваше на Народниот собир во Катлановска бања, Катланово, организиран од Републичкото здружение на децата бегалци ,,Т'га за југ” по повод одбележувањето на 70-годишнината од завршувањето на Граѓанската војна 1949-2019.
Завршната Манифестација, како дел од повеќе свечености кои се одбележаа во текот на годината, а кои се одржуваат под мотото „Да не го заборавиме минатото, но да се стремиме кон подобра иднина“ содржеше богатата културно уметничка програма, во чии рамки беше организирана промоција на компактен диск (ЦД) со песни и изложба на фотографии ,,70 години граѓанска војна” од Александар Литовски.