Осум судови во државава биле предмет на проверка на Комисијата за надзор во насока на тоа дали и колку се применува АКМИС системот.
Според зборовите на министерката за правда, Рената Дескоска, во шестмесечниот извештај од надзорот над функционалноста на АКМИС-от во судовите, се најдоа: Управниот суд и Вишиот управен суд, Основниот суд Скопје I - Скопје, Основниот суд Скопје II - Скопје, основните судови во Кавадарци, Куманово, Тетово и Кичево, а проверките се вршени во периодот февруари - мај оваа година.
Комисијата за надзор заклучи дека во сите судови управувањето на предметите се врши исклучиво преку АКМИС системот, што е исклучително позитивен наод. Контролата над судовите кои биле предмет на проверка покажала дека редовно се врши прием и обработка на предметите, дека изземањето на судиите се врши по законска процедура, дека вклучување и исклучување на судии оди согласно системот АКМИС.
Шестмесечниот извештај според мислењето на членовите на Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството треба да биде прифатен и како таков да биде и предложен на разгледување на Владата.